3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Заев во Дневникот на ТВ1: Ја унапредуваме соработката меѓу Македонија и БиХ

Господине Заев, најпрвин честитки за премиерската функција која така речено ја освоивте.
Какви се моменталните меѓудржавни односи помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина?

Заев: Најпрвин благодарам на поканата. Задоволство е што сум овде бидејќи за нас Македонија, Сараево е бајка. Започнувајќи од 1984 година со Вучко, Македонија и Босна Херцеговина немаат отворени прашања. Не сме имале ниту во минатото, ниту пак сега. Тоа се одлични перспективи за добра соработка. Многу сме слични како земји. Две мултиетнички земји во овој специфичен Балкан кои што го негуваат мултикултурализмот, мултирелигизмот и мултиетничноста генерално која што претставува склоп на различности кои воедно се и европски вредности. Со сериозни аспирации заедно за Европската Унија и НАТО верувам дека можеме многу да си помогнеме, но истовремено можеме и многу да ја унапредиме соработка во секој аспект од секојдневниот живот на нашите граѓани.

Звиздиќ: Како што кажа и мојот драг и уважен колега премиер и пријател, регионалните односи и односите меѓу Босна и Херцеговина и Македонија, но и севкупните односи во регионот на Западен Балкан се наоѓаат на една нагорна линија. Можеби за тоа најдобро говори тоа што денеска имаме посета на Босна и Херцеговина и Сараево од страна на премиерот Заев и премиерот Пленковиќ. Утре е заедничката седница на владите на Босна и Херцеговина и Хрватска и повторно очекуваме дека премиерот Заев официјално и службено ќе ја посети Босна и Херцеговина. Што значи, сметаме дека одржувањето на заеднички регионални состаноци со теми за креирање заеднички проекти посебно во делот на унапредување на економската соработка е од исклучително значење на Западен Балкан но е од уште поголема важност да покажеме пред Европската Унија дека станува збор за регион кој има големи по отворено потенцијали. Она што за нас е најважно е дека сите земји од регионот имаат идентични надворешно-политички цели, а тоа се европските интеграции и интеграции во НАТО. Ми се чини дека овие заеднички цели претставуваат најмал заеднички содржител во целокупните интереси. Помеѓу нашите две држави не постои било какво отворено прашање со констатација дека сосема сигурно можеме да ги унапредиме веќе постоечките економски односи.

Господине Заев, има доста сличности во двете држави како што и претходно кажавте. Дали се Македонија и Босна и Херцеговина на некој начин доказ дека на подрачјето на југоисточна Европа и те како можат да функционираат мултиетнички држави?

Заев: Јас мислам Да. Барем во мојата земја а верувам и Босна, секогаш не е лесно да се менаџираат различностите. Но спротивно од тоа, позитивниот аспект на граѓаните, политичарите, на оние кои имаме одговорности во државата да го разбереме она што е различно од нас без разлика на кој аспект. Јас сум нов политичар поради тоа што мојата политичка партија ја гласаа сите етнички заедници во Македонија, гласаа мултиетничка влада на Република Македонија. Различностите од секој аспект како што реков културата, етникумот, религијата се различности на кои што се темели таа Европа.

И имате убави моменти кога ќе видите како Македонците се борат за Бошњаците или Албанците или Србите се борат за Хрватите или било кој. Тогаш тоа дава една голема надеж. Јас мислам дека нашите различности се една наша предност и треба да ги искористиме за добробит на развој на нашите земји. Сакам да бидам радосен како христијанин на Рамазан Бајрам, да ми дојдат моите сограѓани кои што се од муслиманска вероисповед на Божик и на Велигден. Овие различности не прават богати. Такви различности, ако бидеме паметни како граѓани на овие мултиетнички земји можат да бидат сериозна предност за нашата иднина.

Премиеру, во претходниот одговор споменавте дека влез во ЕУ и НАТО се заеднички желби и на Македонија и на Босна и Херцеговина. Колку ни се слични патиштата за влез и колку меѓусебно можеме да си помогнеме еден на друг на тој пат?

Звиздиќ: Можеме многу да помогнеме еден на друг како земји затоа што тој пат не е само сличен туку и скоро идентичен. Некои основни базни карактеристики и постулати на нашите две држави се скоро исти и таа основа е скоро идентична на повеќето национални држави на Балканот и токму како што и премиерот Заев одговори, покажува дека и ние може да ја збогатиме Европа со тој вид на мултикултури и евро квалитетни традиции кои говорат за квалитет на самиот соживот. Она што е во фокус на нашиот интерес е зголемување на меѓусебните трговски размени, што е сега на ниво од некои 300 милиони марки со навистина избалансирани односи, но со сигурност можат да бидат унапредени и ние во иднина ќе работиме на тоа.

Пред се на инфраструктурно поврзување, ќе биде неопходно да воспоставиме редовна авио линија помеѓу нашите две држави, да одржуваме бизнис форуми за презентација на нашите потенцијали и конечно да ги поврзуваме нашите стопанственици. Ние сметаме дека политичарите треба да отвараат патишта, а стопанствениците се оние кои ќе може да креираат клучни врски вклучувајќи го притоа и она што можеме да направиме во соработка за размена на искуства од сегментот на културата, спортот и други области. Што значи, имаме исти цели, одиме по истиот пат, практично се наоѓаме на исти статус кога говориме за влез во ЕУ. Македонија има кандидатски статус, Босна и Херцеговина треба во најскоро време да добие, што значи и едната и другата држава очекува отварање на поглавјата за динамизирање на патот кон ЕУ, секако нови чекори како НАТО пактот бидејќи знаеме дека ова ќе ни ги донесе најважните придовки, а тоа се мир и стабилност. Ако успееме да ги зачуваме овие две вредности на просторот на Западен Балкан, тогаш уште посериозно можеме да говориме за економски развој, нови инвестиции, отварање на нови работни места бидејќи токму во тој дел сме соочени со исти проблеми, иселувањето на многу млади луѓе и прашањето дека имаме сериозен проблем во големи инвестиции се додека нашиот регион не биде во потполна стабилност.

Господине Заев каков е вашиот став за влез во ЕУ на вашата држава?

Заев: Ние бевме во длабока криза. Веќе неколку години Македонија стагнираше комплетно и еве веќе од 2005 година Македонија е со кандидатски статус. Ние имаме условена препорака за почеток на преговорите која што е веќе две ипол години, но после ова навистина ги отворивме сите места. Досега ги отворивме сите перспективи, имаме озбилни позитивни препораки за целиот овој регион па така и за Македонија. Нашата влада веќе го усвои Планот 3-6-9 месеци за да ги спроведеме неопходните реформи кои се важни за нашите граѓани, а после тоа се важни за нашите перспективи во Европската Унија. Сакаме да ја унапредиме соработката во целиот регион така и со нашите соседи, веќе го решивме или е пред решавање прашањето со Бугарија. Имаме проблем со нашиот јужен сосед Грција околу името Република Македонија.

Но веруваме дека постои решение и на тој проблем затоа што веруваме дека навистина можеме да имаме само добробит за двете земји и за целиот регион ако ја унапредиме соработката, а јас велам вака, Западниот дел на Европа ќе се почитува повеќе ако ние повеќе соработуваме и тоа е повеќе од јасно. Нашите министерства веќе работат на заокружување на процесот на здравствените легитимации, возачките дозволи ако стигнат до 23-ти ќе потпишеме договор за со лични карти нашите граѓани да ги поминуваат границите. Тоа е европска тенденција и треба да ја почитуваме. Се работи за граѓани на две големи пријателски земји. Треба да ги отвориме сите патишта за поголема трговија, за повеќе заемни инвестиции, за размена на образование односно студентите од Македонија да дојдат во Босна и обратно, во делот на спортот, културата и слично. Имаме доста време пред нас за добра соработка.

Наскоро ќе учествувате на самитот во Трст. Кои се вашите очекувања?

Звиздиќ: Мислам дека одиме со реални и оправдани очекувања. Некој може да смета дека се преголеми очекувања, но навистина се подготвувавме во текот на изминатата година во смисла на изработка и презентација на навистина добри проекти, што се однесува до Босна и Херцеговина посебно во однос на транспортната инфраструктура. Предложени се шест до седум проекти и очекуваме да повеќето бидат финансирани, вклучувајќи квалитетни грантови, а потоа и квалитетни инвестициони средства. За нас е важно дека ги исполнивме сите критериуми кои беа побарани пред одржувањето на самитот во Трст, ја усвоивме транспортна стратегија, ја усвоивме стратегијата за животна средина, ги освоивме и реализиравме сите софтвери, што значи подготвени заминуваме во Трст. Она што е важно во регионална смисла е дека горе во Трст ќе повториме некои важни регионални проекти, дека е време за просторот на Западниот Балкан да се гледа на еден интегративен начин со неговите вклупни капацитети и потенцијали, но и ние на нашите простори да функционираме со релаксирачки односи во смисол на проток на луѓе од двете земји и капитал. Членски сме на ЦЕФТА што значи треба да ги отстраниме царинските бариери, да пуштиме енергија за наши меѓусебни економски односи и сум сосема сигурен дека тоа ќе донесе придобивки за сите граѓани за овие две држави, но и за целиот регион.

Секако оваа наша меѓусебна соработка нема да влијае на индивидуални аспирации за напредок кон европска интеграција. Тоа секако останува цел на секоја држава, а ние меѓусебно ќе си помагаме на тој пат како што очекуваме да нашите соседи кои се веќе членки во ЕУ како што се Хрватска, Словенија, држави со кои имаме добра соработка како Австрија и Германија па еве и Грција и Бугарија ни помогнат на тој наш пат за влез во ЕУ, бидат наши лобисти и да и објаснат на Европската Унија дека е од големо значење да земјите од Западен Балкан бидат интегрирани. Сакаме да промениме еден поим кој се користи во последните шест или седум години, а говори за проширување на Европската Унија. Не, Европската унија не се шири, туку таа ги интегрира земјите од Западен Балкан кои според дефакто се во Европа, а за да се придвижиме кон тоа треба да ги исполниме условите за да бидеме дел од таа заедница.

Заев: Имаме една заедничка цел, целиот овој регион некој го нарекува Западен Балкан а ние сме дел од Балканот и треба да се гледа заедно како што треба Европа да се гледа заедно. Верувам дека граѓаните на Босна и Херцеговина, а така и моите граѓани на Македонија сакаат да ја почувствуваат и Европа овде. Тоа значи дека ќе изградиме една заедничка стратегија која ја градиме веќе еден подолг период како земји за да настапиме заедно пред Европа да пуштат повеќе пари овде во делот на регионалните политики, ИПА фондовите и слично поради тоа што и Европа дефинитивно ќе го интегрира овој дел кога и економски ќе бидеме веќе приближно кон нив. И тоа е смислата на интеграцијата на европското семејство. Таму ќе го потпишеме договорот за транспортната заедница, сите ќе одлучиме за таа работа каде ќе биде седиштето, како ќе учествуваме во него заради тоа што ќе ни треба за сите овие регионални проекти. Верувам дека навистина ќе се одберат убави регионални проекти кои што навистина ќе овозможат уште подобро да се работи во самиот регион и уште посилно наше позиционирање пред западно европските земји.

Претпоставувам дека ова е почеток на вашата посета на Босна и Херцеговина а и премиере ваша сигурна посета на Македонија. Дали може да се очекува заедничка седница на влада или состаноци со министрите од двете земји?

Звиздиќ: Ова го сметаме за почеток на една искрена и пријателска соработка. Јас очекувам нова брза посета на премиерот Заев на Босна и Херцеговина и мислам дека ќе имаме многу чести средби како во нашите држави така и на други меѓународни конференции. Секоја средба со премиерите овде во Западен Балкан со квалитетни пораки води кон подобрување на односите, презентација на проекти, води кон шанси за поголемо инвестирање. Наша основна цел е подобрување на економијата, отварање на нови работни места, задржување на младите луѓе овде и покачување на животниот стандард. Што значи премиерот Заев е секогаш добредојден во Сараево и Босна и Херцеговина, вратите се отворени, за брзо време очекувам да дојде како што и јас планирам за брзо време да го посетам премиерот Заев.

Премиере Заев, ако не се лажам повторно доаѓате на 23 јули.

Заев: Не е само тоа. Денеска поминавме пола ден заедно, многу работи ги доближивме. Имав прилика да го запознаам прв пат и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ кој што е овде веќе во посета а се надевам дека двете земји ќе заправиме заеднички владини седници. Тоа е една придобивка и за Македонија но и внатре во регионот. Се надевам дека нашите влади многу брзо ќе имаат заеднички седници. Веќе за шест дена заедно сме во Трст, на 23ти и јас ќе бидам гостин со официјалната државна делегација овде во Сараево и делумно во Мостар. Тоа може само да испраќа позитивни пораки до граѓаните да соработуваат уште повеќе.

Веројатно ќе очекувам брза возвратна посета на раководството на Босна и Херцеговина во нашата земја заради тоа што ако ние повеќе соработуваме ќе направиме повеќе напори да придобиеме повеќе бизнисмени да склучат повеќе договори, да направат поголем промет. Овие 300 милиони конвертабилни марки или 362 милиони евра на соработка може да бидат и 500 ако се потрудиме заедно. Наше е како што рече претседавачот на советот на министри овде, да ги држиме мирот и стабилноста, а да ги испраќаме пораките на пријателството. Бизнисмените да си го најдат веднаш интересот за профит, а тоа ќе значи и повеќе работни места за нашите граѓани, можеби и повеќе пари во нашите буџети кои што ќе ги враќаме назад на нашите граѓани. Тоа е филозофијата. Ние политичарите треба да бидеме навистина добри родители на нацијата, или татковци и мајки во државата. Навистина Македонија и Босна и Херцеговина имаат навистина добри перспективи заедно.

Разговорот го започнавме со честитки така и ќе го завршиме. Денеска добивте признанија за Европски личности на Југоисточна и Средна Европа. Уште една честитка за крај. Ви благодарам што издвоивте време и бевте гости во Дневникот ТВ1. Ви посакувам многу среќа и успеси во работата во иднина и секако среќно заминување назад во Македонија.

Заев: Благодарам и на вас за поканата. Ја користам приликата да ги поздравам сите граѓани на Босна и Херцеговина.

поврзани објави

Последни објави