2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Груевски: Ние баравме инвеститори, тие со Боки 13 се занимаваат

Никола Груевски на 26-годишнината од УМС на ВМРО-ДПМНЕ во амфитеатарот во Охрид порача дека повторно ќе се врати на власт за брз време.

– ВМРО е создадена некогаш во илегала а подоцна во опозиција, и во такви услови знае како да стане повторно победник и да ја придвижи ВМРО Македонија напред. ВМРО никогаш не стои, ВМРО се движи, се движи напред и успева. Изгубеното време на наше малтретирање, во работење против нас, ќе им се врати како бумеранг на следните избори и кога повторно ќе се соочат со судот на народот, рече Груевски.

Тој ја нападна работата на владата, иако како што кажа поминале само 40 дена откако се на власт.

-Овие досега направија 80 средби со амбасадори. Средбите со амбасадорите не се лоша работа, но неможе влада да се сведе само на тоа. Ја исчистиле гаражата во владата. Многу јака реформа. Се утепаа од фалење со фотографии ја исчистиле гаражата во владата, многу аир ќе види народот од тоа.

-Нашиве ербапи, прерачунале прво да ги исполажат уште еднаш граѓаните на локалните избори за се и сешто, па потоа да ги прифатат сите услови кои ги бара и Грција и Бугарија. Демек народот не разбира, сега да ги гласа уште еднаш на локални избори, а потоа бричење и потстрижување, со име, идентитет, со јазик, историја, и се останато што е во пакетот.

-На Албанците им ветуваа брда и долини за да ги земат во коалиција. Законот за јазици со ова, со она во него. Наместо тоа, наместо законот за јазици, ќе пратат писмо до Венецијанска комисија, која пак ќе одговори после локалните избори.

-Почнаа да разрешуваат и назначуваат функционери. Наместо стручњаци и експерти како што ветуваа, ред по ред партиски некомпетентни кадри кои неможат ни англиски да положат, па сега да сме го менувале законот за партиските кадри да ги вработат или назначат без познавање на странски јазик.

-Сега пак се фатија да градат атмосфера на хомосексуалците да им се овозможело да склучат брак и плус да можело да посвојуваат деца. Сите проблеми други ги решија, сите ветувања на народот што ги дадоа ги исполнија, животот го донесоа во Македонија, дијаспората ја вратија во Македонија уште посвојувањето деца во хомосексуални бракови ни остана.

Ние во првите месец – два кога влеговме прв пат во владата, баравме инвеститори кои потоа отвораа илјадници нови работни места. Овие со Боки 13 се занимаваат.

Тој обвини дека постои план да се уништи ВМРО-ДПМНЕ.

-Да се уништи ВМРО, да се нападне со купишта обвиненија, со барања притвори, со одземања пасоши и јавувања секоја недела во суд, да им се загорчи животот на политичките опоненти за да замолчат и да ги снема. Многу јаки демократи.

-Но не можат нам толку обвиненија да ни исштанцаат колку што можат глупости да направат и веќе прават.

А во меѓувреме, ако вака продолжат како досега, тогаш ќе им порачам дека без разлика дали Груевски ќе е жив или не, политички активен или не, тие ќе бидат проголтани од сопствените методи кои во моментов ја узурпираат И спречуваат целта на нивните налогодавци.

Слушам дека планирале разни игри за локалните избори. Дека сакале со помош на полицијата и структурите кои им помогнаа на парламентарните избори вклучувајќи и во албанските средини, повторно да прават исти нечесни трикови и операции, и во Скопје, и во неколку други општини.

Сакам да им порачам, да не си играат со трпението и волјата на народот, и дека за тоа, ако се обидат, ќе ги стигне казна, и пак ќе изгубат од ВМРО-ДПМНЕ како партија, односно ќе имаат далеку помал вкупен број на гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа ќе биде важно за да се влезе потоа во политички процес кој ќе води кон нови парламентарни избори, рече Груевски.

поврзани објави

Последни објави