Претседателството на ДУИ ќе одлучува какви чекори ќе преземе во однос на составувањето на новата влада откако денеска претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Фокус“ Муса Џафери, поранешен вице-премиер и десна рака на лидерот Али Ахмети.
„Сите опции се отворени. Прво треба да видиме како правните експерти ќе го толкуваат Уставот. Нема ни час откако е доделен мандатот, се уште не сме ги направиле потребните консултации. Ќе излеземе со став откако ќе заседава претседателството на партијата. Има повеќе прашања – колку евентуалната нова влада ќе има капацитет, која ќе биде рамката и што е најдобро за државата. За сите овие прашања треба да се разговара во наредните 20 дена, колку што е законски предвидениот рок по додлеувањето на мандатот. Можно е ова да биде нова фаза во политичката криза“, вели Џафери.
На прашање на „Фокус“ дали ДУИ би коалицирала со ВМРО-ДПМНЕ, Џафери одби директно да одговори, додавајќи дека само дека „прерано е да се коментира било што и дека ставот на ДУИ дополнително ќе биде соопштен, откако ќе бидат разгледани сите можни опции“.