6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

МОН: Вложуваме во квалитетно образование, опструкции нема да не поколебаат

Министерството за образование и наука во реакција на прес-конференција на ВМРО – ДПМНЕ наведува дека вложува во квалитетно образование и во човечкиот капитал, како и дека опструкции нема да ги поколебаат.

Според МОН, критиките за ребалансот на Буџетот на ВМРО-ДПМНЕ се на погрешна адреса и тие треба да се свртат кон своите поранешни министри и актуелни градоначалници и од нив да побараат одговори за, како што стои во реакцијата, криминалното работење, но и за моменталната опструкцијата на сите процеси во образованието кои доведоа до кратење на одредени ставки.

– Реализацијата на буџетот за инвестиции за првите пет месеци од 2017 година кој претходната Влада го спровела е во просек шест проценти така што е невозможно за наредните неколку месеци да се реализираат 94 проценти од планираниот Буџет. Единствено место каде претходната Влада има реализација за првите пет месеци од неверојатни 92,61 проценти е кај ставката за репрезентација каде потрошиле 114 223 евра или над седум милиони денари, посочува МОН.

Појаснува дека средствата предвидени за реновирање на основни и средни училишта како и изградба на спортски сали се скратени од единствена причина што општините кои во над 90 проценти се раководени од ВМРО ДПМНЕ не издаваат одобренија за градби и на таков начин свесно и намерно го опструираат целиот процес.

Според МОН, за опремување на училишта со таблети тендерската постапка воопшто не е ни започната. Лага е, истакнува, дека се скратени средства за постоечките универзитети, тоа е направено за „Дамјан Груев“ за кој уште на почеток бевме транспарентни дека нема да почне со работа.

Со одложувањето на Кембриџ во средно училиште, наведува МОН, им заштедивме на граѓаните неколку стотици милиони средства, кои со штетни договори беа ексклузивно право на привилигирани компании кои му продавале на МОН учебник по 900 денари. Нивото на преводите на стручната литература на граѓаните им се познати, а и криминалите во рамките на тој проект најверојатно ќе бидат предизвик за работа за инспекциските органи. Студентските домови се гушат во долгови создавани изминатите 10 години и се над 300 милиони денари од несериозно и криминално работење на претходната Влада.

– Министерство за образование и наука предвидува нови 35 милиони денари за студентски стандард и 10 милиони денари за ученички стандард кои се наменети за ученички стипендии и школарини. Ние вложуваме во квалитетно образование и вложуваме во човечкиот капитал. Криминални агенди не не интересираат, а опструкции нема да не поколебаат. ВМРО ДПМНЕ може да продолжи да тоне но нивните деструктивни политики во образованието завршија, за добро на учениците, студентите и професорите, наведува во реакцијата Министерството за образование и наука.

поврзани објави

Последни објави