4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Како си го изгубив идентитетот

Пишува: Ерол Ризаов

Што ми требаше таа работа да им се јавувам на моите пријатели од Бугарија да ми го пратат тајниот договор со Македонија за добрососедство. Само што почнав да го читам ми се крена косата на глава. Драги мои, станува збор за големо предавство. Останавме и без јазик и без идентитет, отиде јабана и државата и народот. По долго и трауматично препрочитување на овој катил ферман, веќе не знаев ни кој сум, ни што сум, ни од каде сум, а некако и јазикот ми отежна, не можев ни еден збор да изустам. Си реков, еве како со едно парче хартија и со неколку потписи на благонадежни политичари, се губи и идентитетот и јазикот и државата….

Таман да испуштам душа на 50 целзиусови степени, ме спаси телевизорот од каде стаса освежување, една невидена стогодишна ладовина, како да сум во дебела сенка под Охридскиот чинар заспан уште во османлиската империја. Како со времеплов  се вратив  во 19 век. Тогаш на дневен ред беа идентитетот и јазикот, предавствата и кој ги украде парите од собраните „даноци“ што мораше секој Македонец да ги плати на организацијата. И сега, по сто и кусур години пак истото. Почна седницата на Собранието. Веднаш срипав кога слушнав дека сите пратеници на опозицијата се јавиле за збор да го бранат Марко Зврлевски, јавниот обвинител, најголемиот борец против криминалот и корупцијата во Македонија. Човекот храбро опстоја да не отвори ниту еден предмет за некаков  кринминал чии носители се високи функционери на власта. Со тоа докажа дека во Македонија има најмалку организиран криминал и корупција отколку во цела Европа. И сега еден таков извонреден, или како што велат неговите бранители, перфектен обвинител, сакаат да го сменат и замислете, да инсценираат судски процеси со кои ќе се докажува дека и во Македонија на најчесната власт што сме ја имале досега и’ лепеле прстите и на рацете и на нозете, дека наполниле цели амбари пари на народот кој  толку многу го сакаат и не го вадат од уста.

Кога го видов сето ова истиот миг ми се вратија и идентитетот и јазикот и државата со уставно име и презиме. Веднаш знаев и кој сум и каде сум и зошто сум таму кај што сум. Нема друго место на дуњава освен Македонија каде народните пратеници ја попречуваат правдата со бесконечни дискусии во парламентот. Со зборување на чист македонски јазик ќе ги бранат осомничените за криминал, корупција, злосторничко здужување за изборни нерегуларности, злоупотреба на овластувањата, пресметка со политички противници и уништување на туѓ имот и уште за десетици други тешки кривични дела. Ако успеат да го спасат обвинителот Зврлевски и да ја попречат правдата да не седнат на обвинителна клупа, осомничените од врвот на најпатриотската и револуционерна партија, нашиот најголем чувар на идентитетот, јазикот, државата и националната гордост, нема поголема гаранција дека никој ништо не ни може, ниту пак може да промени нешто во нашата глава и идентитетска ДНК која е наследена, докажано, уште од македонскиот палеолит, а некои последни истражувања говорат дека националниот идентитет на Македонците е многу постар од палеолитот, поточно се совпаѓа со откриената ДНК од првите луѓе при создавањето на човештвото од Господ.

Всушност, да бидам до крај искрен по сето ова што се случува, во државата Недојдија од поодамна повеќе пати сакав да си го сменам и идентитетот и јазикот и името, или ако не може името да ја сменам барем државата. Така си размислував колку би било поубаво да сум Французин, или Англичанец, наместо ова што сум Турчин будала, па згора и македонски новинар без весник кој пишува по тарабите на интернет и во единствениот жив неделник Фокус. Онака испомешан како македонска салата со овошки од непознато потекло, изгледа дека и немам некој идентитет, ниту само еден јазик. Или можеби е поубаво да изберам да бидам Италијан, или што мислите да бидам Швед, а не е лошо да се биде Норвежанин, или Данец, а може и Холанѓанин… никако Русин Американец или Кинез, тука нема никаква ексклузивност, ги има едно две милијарди сите заедно… така додека си бирам јас нов идентитет и јазик сè нешто не ми се допаѓа. А, си велам да бидам Бугарин… Албанец, или Србин, ау скраја да е. А, зошто да не бидам Грк, тоа е убава професија исто колку и да си Македонец, тие и така велат дека се вистинските Македонци. Замислете ем Грк, ем Македонец, ем Турчин. Што убаво… три исти идентитети, исто табиети, исти обичаи, само јазиците се различни.

На крајот ништо од мојата потрага по нов идентитет, јазик и име. Не можело тоа така лесно да се направи колку и да сакаат некои генетски инженери. Од Балканец не бидува Скандинавец, а и да биде, не му личи. А, од еден Балкенц не бива и друг Балканец. Сите си имаат различен и траен идентитет кој ништо не го менува. Значи работата не е  во губење на идентитетот и на јазикот, работата е да не се изгубат неказнети арамиите кои го ограбија народот и сега викаат на цел глас: чувајте го идентитетот и јазикот. Најголемата идентитетска природна селекција во Македонија ќе се случи во наредните неколку месеци. Точно ќе се види кој каков ген има кога ќе се определуваме дали сме за владеење на правото, или на кривото. Затоа драги мои, баталете ги приказните за губење на идентитетот. Пробајте да го смените и ќе видите колкава лага е тоа. За среќа, или можеби повеќе за жал…

Целата колумна на Ерол Ризаов можете да ја прочитате тука.

поврзани објави

Последни објави