Франција денеска го прославува националниот празник 14 јули – Денот на Бастиља со традиционалната воена парада на Елисејските полиња во Париз, која годинава од свечената ложа на плоштадот Конкорд ја следат претседателите на Франција и САД, Емануел Макрон и Доналд Трамп.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, Трамп присуствува на парадата на покана на Макрон во рамки на одбележувањето на годишнината од влегувањето на САД во Првата светска војна.
Француските и американските патриоти се бореа рамо до рамо, крвареа и заедно умираа во борбата за нашите земји и цивилизации, изјави Трамп на вчерашната заедничка прес-конференција со Макрон, по нивната средба во Елисејската палата.
Макрон и Трамп во придружба на нивните сопруги синоќа вечераа во ресторанот „Жил Верн“ на Ајфеловата кула. Според Макрон, станувало збор за „пријателска вечера“.