-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Суперкуп за Супер-глуп 2017

Пишува: Булеварко

На помалку од еден месец до одигрувањето на Суперкупот во Скопје помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, спортска еуфорија околу самиот меч, во градов и во државава, речиси и да нема. Лотаријата со влезниците и правилата на игра кои ги наметна УЕФА ќе ги лиши многуте фанови на двата клуба и во живо да бидат дел од спектаклот, на кој домаќин е нивниот град. Најфер ситуации беа споделените вести на навивачите на Манчестер и Реал, дека успеале да дојдат до влезница. Со среќа нека им е на дечките. Рестото селфи-мејкери, градски примадони и фаци кои живеат за мигот да му го доловат на своето потчинето опкружување дека ете биле на тој спектакл, ќе го зачинат тој натпревар со сѐ она што треба да се исфрли од модерниот фудбал. Скапите трансфери, скапите влезници, скапите ТВ-права. Фудбалот одамна не е забава туку скапо задоволство на богатите. Затоа секогаш навивам за послабиот. Кога Лестер стана шампион во Англија, се радував како мало дете. Го осетив во себе она вистинско чувство, што е и што треба да биде фудбалот.

Македонија, како организатор на овој настан, доби убава шанса на светот да му подари една лекција на гостопримливост, да се самопромовира како држава и туристичка дестинација. Шансата да бидеме добри домаќини ја испуштивме од старт. Лакомоста на најголемиот дел хотелиери кои и десеткратно ги дигнаа цените за ноќевање, ги принуди странците алтернатива да бараат во соседните земји. Лошиот глас надалеку се слуша па секако на далеку ќе се слушнат и анти-рекламите на навивачите на Манчестер, на кои нашите хотелиери им побарале дополнителни пари на веќе букирани и пазарени сместувања. Како инаку македончето ќе ја покаже својата мизерија ако не сега и на ваков начин? Никој не нѐ сакал и сите биле против нас! А зошто да нѐ сакаат? Зашто сме 33 пати спомнати во Библијата? Наредна шанса за да наминат во Македонија нема да има. И за тоа се погриживме ние. Македонијо, збогум, уште не пристигнати кај нас.

А за што ни беше Суперкупот ако не за промоција на државата? За да игра Вардар во Струмица евро-натпревари сигурно не.

И на крај она што ќе остане да горчи во грлата после овој Суперкуп. Челниците на ФФМ ќе имаат со што да ги покриваат своите неквалитети во лошото развивање на нашиот фудбал. Ќе се промовираат себе си како големи фудбалски работници, а самиот Суперкуп токму ги отвори нивните недостатоци и нивното несработено сиве овие години. Игралиштено кај федерацијана и недоправениот стадион во Струмица ги вдомија нашите најдобри клубови за своите евро-настапи.

Зошто така бе? Што сработивте вие господа од таа заедничка програма со УЕФА? Каде е таа наша инфраструктура за развој на фудбалот? Сакаме на месечината, а се думкаме по калдрми, со катанци на трибините и со забрани за навивачите. Стадиони и терени нема. А кога нема и Струмица не е далеку, ако не идеш пешки нели? Но, да не паламудиме многу. Сега треба да се одглуми моментот и да се фрли песок во очите на сите оние кои барем малку разбираат, како се прави фудбал…

поврзани објави

Последни објави