-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски без никакви аргументи почна со партиски чистки и вработување на партиски послушници

Саше Павловски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека Социјал-демократскиот сојуз брутално го партизира Министерството за внатрешни работи. Според него, потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, сега како министер за внатрешни работи без никаков аргумент почнал со партиски чистки и поставување на партиски послушници на раководни позиции.

– Ваквото однесување го гледавме и во периодот кога истиот ја извршуваше функцијата технички министер за внатрешни работи. Само за потсетување, во рок од неколку месец, Оливер Спасовски незаконски разреши стотици професионалци во МВР, пресметувајќи се со сите кои не се блиски на партијата од која што доаѓа. За сметка на сменетите професионалци, позициите ги пополнуваше со партиски послушници унапредувајќи ги и по 7 скалила спротивно на системот на кариера. Така свои позиции си обезбедија и луѓе како сопругот на тогашната министерка за труд и социјала Фросина Ременски. Сиот хаос кој го креираше Оливер Спасовски резултираше со драстично намалување на активностите на МВР, рече Павловски.

Како што кажа тој, сега повторно сме биле сведоци на исто вакво однесување. Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, и неговите партиски послушници, според Павловски, секојдневно се јавуваат на вработени во МВР кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Според него, понудата од СДСМ била земи или остави и им нуделе пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање.

– Во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани и девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне.
Ваквите закани не се упатени само кон вработени во Скопје, туку и по Секторите за внатрешни работи низ државата. Таргет се сите професионалци кои не постапуваат по партиските наредби на Оливер Спасовски. Таргет се сите професионалци кои работеа на бројни случаи почнувајќи од оние како „Планинска бура“ во кои се бранеше државата, па се до предмети во кои заради трговија со наркотици беа откриени голем број партиски пријатели и соработници на Зоран Заев, Оливер Спасовски и СДС, рече Павловски.

Тој додаде дека тоа што го прави Оливер Спасовски било целосно незаконски и спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи.

– Формирањето на партиска полиција е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста во државата. МВР мора да одговори колкурешенија се поделени изминатиов период и кои се причините за смени? ВМРО ДПМНЕ ги повикува професионалците во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на потпретседателот на СДС и правдата да ја бараат пред повисоките органи. ВМРО ДПМНЕ ги повикува претставниците на меѓународната заедница кои го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе вон контрола, заврши Павловски.

поврзани објави

Последни објави