Герет Бејл ја имаше својата најтешка сезона во Реал Мадрид на индивидуален план поради тоа што речиси цела полусезона беше надвор од терените поради тешка повреда на зглобот, проблем кој велшкиот фудбалер верува дека конечно го надминал и го оставил далеку во своите мисли.
Крилниот напаѓач на почетокот на сезоната сигурно ќе се соочи со ситуација да се бори за своето стартно место во тимот на Зинедин Зидан, а иако е свесен за тоа, Велшанецот со голем ентузијазам гледа на подготовките бидејќи неговиот зглоб сега е максимално подготовен, а не како што била ситуацијата минатата сезона.
– До јануари се одеше многу добро за мене, но потоа имав несреќа. Не можете да ги спречите повредите во фудбалот, тоа беше тежок удар за мене, но најважно е тоа што на крајот тимот оствари големи рерзултати. Не ми беше воопшто лесно, работев по 12 часа на ден за да се вратам на финалето во Кардиф, а влегувањето на теренот од клупата беше голема награда за мене. Ако не го направев тоа, немаше да бидам на теренот. Кревањето на трофејот пред мојата фамилија и моите пријатели беше незаборавно, – порачува Бејл во интервјуто за „Марка“, додавајќи најголем проблем било тоа што минатата година за време на подготовките неговиот зглоб бил 50 проценти заздравен.
– Најважно е да имам добри подготовки и да ја започнам сезоната максимално подготвен. Минатата сезона се вратив од повреда и бев само на 50 проценти од моите можности. Моја единствена грешка беше што форсирав и не одморив повеќе, а тоа на крајот скапо ме чинеше. Се обидов да се подобрам, но зглобот не издржа. Зглобот сега е добро и тоа е најважно. Имам сила во него и мојата цел е да стигнам до најдобра форма и да продолжам да играм за Реал Мадрид, – заклучил Бејл.
Извор: Дерби.мк