-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Милошоски предлага пет точки што треба да бидат вметнати во договорот со Бугарија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, од собранискиот прес-центар рече дека пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата имаат сериозни забелешки на договорот со Бугарија.

Тој вели дека од потпишувањето на декларацијата во 1999 година во Бугарија не е обврзувачко туку е препорака. За разлика од договорот што сега треба да се потпише, тој е правно обврзувачки и на него не треба да се гледа само како на успех туку да се согледаат и последиците од неговото реализирање.

Милошоски предлага пет точки што треба да бидат вметнати во договорот:

– Дали македонскиот народ ќе биде споменат во договорот? Ако е тоа договор на добра волја, тогаш би требало македонскиот народ да биде споменат и да стои во договорот.

– Дали македонскиот јазик ќе биде споменат во договорот? Со тоа се става посебност на јазикот како различен од бугарскиот.

– Дали премиерот Заев е подготвен да го потпише договорот со кој се обврзува да се грижи за Македонците надвор од државата?

– Јасно разграничување на делот на заедничката и делот на посебноста на историите меѓу двете држави

– Забележана е асиметрија на права и обврски во договорот. Повеќе права има за бугарската страна, а повеќе ограничувања за Македонија. Договорот треба да биде со симетрични придобивки за сите страни, изјави Милошоски.

Според него, доколку овие препораки бидат вградени, договорот ќе биде поддржан од Коалицијата „За подобра Македонија“. Но, доколку овој нацрт-договор не биде променет, ќе остане сомнежот дека ова било само ПР средба. ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира ова да не биде краткорочно успешен проект затоа што ако договорот има правно-обврзувачко дејство може да создаде околности кои ќе бидат на штета на земјава понатаму.

На крајот, Милошоски порача дека не е важно колку бргу ќе се потпише договорот туку да се работи на подобрување на квалитетот на текстот на овој договор. Тој вели дека во партијата има расположение за повторна средба со Заев за да се разговара за ова прашање, но вели дека забелешките и препораките што ги дале се категорични и нема отстапување од нив.

поврзани објави

Последни објави