ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски работи незаконски и спроведува партиска чистка. Воедно побара од него да каже колку решенија за смени се поделени во МВР, а од претставниците на меѓународната заедница, како што соопшти Сашо Павлоски, да го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе вон контрола.
– Ова што сега се прави во МВР е класичен контраудар на мафијата врз полицијата, одмазда за сите реализирани акции. Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување партиски послушници на сите раководни позиции, истакна Павлоски на прес-конференција.
Според него, команданти на единици, началници на сектори и помошници кои зад себе имаат долгогодишно искуство, сега се на удар на Спасовски.
– Сите што имаат личен и професионален интегритет во МВР станаа предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим, дополни Павлоски.
Таргет на Спасовски, оцени, се и сите професионалци кои работеа на докажување на криминалот на СДСМ, како и професионалците кои учествуваа во акции за докажување на криминалот на Захир Бекири-Чауш и оние што храбро и бескомпромисно работеа на случаи како Монструм, Планинска бура и Диво Насеље.
– Тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи. Формирањето партиска полиција е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста. Министерството за внатрешни работи не е приватна сопственост на СДС, потенцира Павлоски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци и правдата да ја бараат пред повисоките органи.