Еден ден Тони едноставно го снема од дома. Си замина, ја остави мајка му и тргна по белиот свет да печали – бели пари за црни денови или пак црни пари за бели јадови (бидејќи големите јадови со пари не се средуваат). Кога одлучи да си замине не кажа никому. Тргна и влезе во машината на животот. Друштвото му беше одбрано, сите од добри фамилии, воспитани, изучени и успешни. Ама никој од нив ја немаше оставено мајка си. Сите можеа да си отидат дома, само Тони не можеше. Тој требаше да стои далеку од својот дом, за да остане во одбраното друштво на кое веќе припаѓаше. Така му (се) наредија коцките, мораше да донесе одлука и го направи. Заборави на старите денови, си облече нови (далеку поприфатливи за јавноста) алишта и минатото го зароби во својата интима. Млад бил, се барал и ете конечно се пронашол.
Приказна од 1001 ноќ, раскажана на еден единствен начин, но со 1000 можни краеви. Откако реши да го напушти својот претходен начин на живот, Тони не доби осуда од никого. Тие што веруваат во него потајно се надеваат дека сè е игра и еден ден повторно сè ќе си биде по старо. Постојат и оние кои се разочарани, ама и кај нив жарчето за среќа сè уште се бори со логиката и продолжува да тлее. Тоа е еден од можните 1000 краеви на неговата приказна, која можеби наликува на тажна сторија, но сепак си останува повик за надеж и верба. Тоа е најубавиот крај, кој наликува на карактеристичен начин со параболата за блудниот син, раскажана од Месијата за време на неговите проповедања во Јудеа и запишана од евангелистот Лука.
Приказната започнува со еден татко кој има два сина. Помладиот сака да го добие своето наследство уште додека неговиот родител е се’ уште жив. Нормално било децата да наследуваат кога таткото ќе почине, но не и додека тој бил жив. Со тоа, помладиот син покажал непочит кон татка си, како да го прогласил за мртов уште додека тој е жив. Таткото ја услушал желбата на синот и им го разделил имотот. За само неколку дена синот продал се’ и отишол во некоја далечна земја. Започнал да живее блудно и во грев го потрошил своето богатство. А кога успеал да потроши се’, настапило глад и синот морал да се снаоѓа, та отишол кај некој човек и се спогодил да му ги чува свињите. За Израелците чувањето свињи е многу понижувачка работа, затоа што свињите биле сметани за нечисти според Стариот Завет. Во својот очај блудниот син се нафатил да работи било што- само за да се прехрани.
Во еден момент се освестил и се сетил дека при неговиот татко дури и наемниците имаат леб во изобилие, додека тој овде во далечна земја едвај преживува. Решил да се врати кај татка си и таму да работи како наемен работник, со надеж дека таму ќе му биде подобро отколку овде каде што се доведе самиот себеси.
„Таткото потрча кон синот, го прегрна и го целиваше. Тогаш синот си ја призна грешката и се извини, а таткото нареди блудниот син да биде облечен во нова руба, да му стават прстен на раката и да приредат гозба во чест на неговото враќање назад. Кон крајот на параболата, милостивиот татко за својот блуден син вели ,,беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде’’.
Ќе дојде и тој ден кога Тони ќе се врати дома, исто како во приказната за блудниот син. Ќе побара прошка од својата стара мајчица и ќе си ја смири душата. Ќе побара прошка и ќе му се даде, бидејќи речено е дека Божјата милост нема крај и побараната прошка треба да се даде, како врвно христољубиво дело.
Тони ќе треба да си прости и самиот на себе, за заборавените во минатото цели. За делата и трудовите кои го направија тоа што е денес. Некои работи не можат туку така да се заборават и да се пребојадисаат… Дури и црвеното и да остане црвено, жолтото никогаш нема да стане црно, затоа Тони, ако останало нешто од она во што си верувал некогаш. Не чекај!!! Врати се дома.
Пишува: Васил Трајков