2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Анима Мунди: Итно да запре/биде отповикано заловувањето бездомни кучиња пред УЕФА Суперкупот!

„Од доверлив извор знаеме дека Вардариште започнува со масовно заловување и убивање на бездомните кучиња во центарот на Скопје во пресрет на фудбалскиот меч од Суперкупот на УЕФА кој ќе се одигра на 8. Август во Арената Филип Втори.

Се обраќаме до Град Скопје и сите надлежни институции и бараме да излезат пред медиумите и јавноста со изјава и итно да се отповика оваа налудничава хајка врз бездомните кучиња.

Очекуваме поддршка и заложба од Владата на РМ, преку Агенцијата за Храна и Ветеринарство, во поглед на ова наше барање, особено поради фактот што програмите за хумано третирање на бездомните животни беа разговарани и имплементирани во предизборните програми на дел од партиите на власт.

Ве предупредуваме дека нема да дозволиме вашата децениска незаинтересираност за овој проблем и негово игнорирање, да го решавате со сурово- крвави ад-хок решенија по потреба, кои не само што нема да го решат проблемот, туку само ќе го продлабочат на подолги стази.

Срамно е што сега сте загрижени за безбедноста на туристите, а со години наназад не се грижите за безбедноста на граѓаните и го игнорирате проблемот со бездомната популација на кучиња, за кој континуирано посочуваме и даваме препораки како трајно да се реши. Ниту бројните спортските навивачи, ниту бројните најавени туристи и ниту граѓаните на Скопје, не одобруваат убивање на кучиња и средновековни крвави и нехумани методи.

Скопје веќе подолго време е домаќин на голем број туристи, кои со благонаклоност и пофалби гледале на програмата на Градо Скопје- Залови, стерилизирај, врати на улица и на жолтите ушни маркици.

Немојте да дозволите за Македонија низ светот да се пишува како за Романија и Украина, т.е. како за примитивна земја каде бездомните кучиња се убиваат по потреба, без интерес за примена на цивилизирана законска регулатива и законски обврски за благосостојба на животните, незаинтересирана за долгорочно решавање на проблемите со бездомната кучешка популација.

Доколку нашето барање не биде во целост прифатено најавуваме масовен протест за време на Суперкупот, медиумска кампања против суровоста на Град Скопје и кривични пријави за сите инволвирани страни!

Во меѓувреме ги замолуваме граѓаните секојпат кога ќе бидат сведоци на заловување на кучиња да го снимаат и документираат заловувањето со мобилни телефони а снимките да ни ги испратат, како и да не информираат доколку ги забележат движењата на комбињата на Стационарот Вардариште“, се вели во соопштението на Анима Мунди.

поврзани објави

Последни објави