3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Зaхариева: Договорот меѓу Бугарија и Македонија се базира на декларацијата од 1999 година.

Текстот на договорот за добрососедство со Македонија е финализиран и бугарската страна нема намера да води нови преговори. Договорот е важна нова страница во односите меѓу двете земји, но по потпишувањето останува да се заврши уште многу работа, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева во интервју за Бугарската телевизија.

– Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски според Уставот на Република Бугарија, наведе Захариева.

Нагласи дека договорот се базира на декларацијата потпишана во 1999 година, а разликата, како што посочи, е што се вградени механизми за следење на неговата примена, ќе има експертска комисија од историчари и општествени работници кои ќе работат на подобрување на училишните програми врз база на легитимни историски извори.

Во врска со барањата на некои македонски опозициски партии да биде признато постоењето македонско малцинство во Бугарија, Захариева вели дека властите во Софија не водат преговори со партии, туку со Влада.

– Во Скопје треба да решат дали ќе продолжат да бидат изолирани уште 11 години од своите соседи и од светот, правејќи се многу големи, или сакаат да имаат европска перспектива и развој, рече Захариева.

Екатерина Захариева најави дека договорот за добрососедство со Македонија ќе биде разгледан од бугарската Влада во текот на наредната недела, а очекува да го потпишат премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев, на 2 август во Скопје.

поврзани објави

Последни објави