Владата на Р. Бугарија го одобри нацрт Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, соопшти владината прес служба на Р. Бугарија.
Во официјалното соопштение се наведува дека документот „е израз на желбата на Република Бугарија да изгради добрососедски односи засновани на европските вредности“.
Како „видливи резултати“ од договорот се наведуваат „соработката на билатерален и мултилатерален план, проширувањето на транспортните врски и комуникации, учество во добивањето на средства по регионални инфраструктурни и транс-гранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји“ .
„За успешното враќање на Република Македонија на европскиот пат е од суштинско значење земјата да ги надмине наследените пропагандни стереотипи и неконструктивни дејствија спрема соседите“, коментира за време на владината седница премиерот Бојко Борисов.
Според него од Скопје се очекува да ја „прекине антибугарската пропаганда, говорот на омраза и да се откаже од претензиите кон Република Бугарија“. Во исто време Македонија и Грција треба да го решат спорот за името по патот на дијалогот.