6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

МЗ: Од утре високи температури од портокалова фаза

Министерството за здравство соопшти дека согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, почнувајќи од утре и во текот на викендот територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза.

Министерството за здравство по одржаниот состанок на Комисијата за топлотни бранови, препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Во следните три дена Министерство за труд и социјална политика со поддршка од Црвениот крст на Македонија ќе спроведуваат интензивни активности за згрижување на бездомните лица.

За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности и хигиенски начин на подготовка на храната.

На хронично болните лица се препорачува редовно земање на препишаната терапија, а при појава на било каков здравствен проблем да го контактираат својот матичен лекар.

Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната. Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk .

поврзани објави

Последни објави