Интервју со Стево Насковски, активист на ВМРО-ДПМНЕ и дел од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Поранешен претседател на УМС на ВМРО-НП
Кога „се скрши вазната“ и почувствувавте дека во најголемата политичка партија од десна провиненција во Македонија се потребни реформи?
Промените се природна појава, истите се потребни во секоја политичка партија, па и во ВМРО ДПМНЕ. Потребата за реформи и унапредување во работењето на партијата се постојани, но порaди се потесниот простор на кој наидувавме за да се укаже внатре во постојните тела, ја отвори нужноста работите да се отворат пред јавноста.
Според анкета спроведена од новинската агенција Макфакс 79% од членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат идејата за реформи во партијата. Дали овој огромен процент се потврдува и од вашите информации од средбите што вие како реформатори ги одржувате на терен со членството и поддржувачите на Вашата партија?
Членовите знаат што е потребно и што е нужно да се направи. Многумина се свесни за целата ситуација, некои се збунети па размислуваат, само мал дел се спротивставуваат на нужните промени. Она што е интересно е фактот што голем број на локални функционери се исклучително одлучни во насока на поддршка на процесот на реформите. Очекуваме, со цел зачувување на внатрепартиското единство, раководството да ја согледа реалноста и да ги прифати аргументите, кои нужно водат кон суштински реформи на ВМРО ДПМНЕ.
Како ќе им одговорите на сите тие кои не ја поддржуваат Вашата иницијатива и упорно Ве прашуваат каде бевте пред 2 или 3 години за да побарате реформи додека ВМРО-ДПМНЕ беше се уште на власт?
Едноставно, ние постојано истакнувавме дека имаме црвена линија, а тоа е партискиот интерес. Не е разумно, пред толку значајните парламентарни избори, да излезевме со барање за реформи. Нормално, после изгубената победа на зелена маса, за што одговорност мора да има, е да се побара промена на политиките и лицата кои не довеле до таква позиција. Второ, знаете дека условите за дејствување, без да се трпат големи последици, во предизборниот период беа исклучително ризични. Ние не сме херои, ние сме родители на малолетни деца, ние живееме тука во Република Македонија, нормално е да сме загрижени за нашата и судбината на нашите семејства.
Вие бевте висок функционер во ВМРО-Народна Партија, а во моментов сте член на ВМРО-ДПМНЕ. Каков е демократскиот капацитет во двете партии според Вас? Дали можете да направите една споредба во кратки црти?
Да вистина е, јас ја предводев извесен период Унијата на млади сили во ВМРО-НП и можам да кажам дека тоа време УМС на ВМРО-НП беше трет политички подмладок по број на членови, организираност и структура во Република Македонија и во клучен момент кога сметавме дека е потребна помош и обединување со ВМРО-ДПМНЕ од каде што произлегуваме сите, се вративме во нашата матична партија. Но, би додал само дека унапредувањето во работата на политичките партии е императив за сите нас. Се надевам дека демократизацијата на ВМРО ДПМНЕ ќе отвори широк простор за валоризирање на трудот на сите поранешни и сегашни членови на партијата, кои долги години се посветија на партиските активности. Тој процес ќе отвори можност за обединување на политичката десница и окрупнување на опозицијата во државава.
Дали во едно реформирано ВМРО-ДПМНЕ исчистено од сите профитери и застанато на здрави идеолошки темели ќе има место за господинот Љубчо Георгиевски, како што пред некоја година се најде место во нереформираното ВМРО-ДПМНЕ за г-нот Марјан Додовски?
Идејата на ВМРО ја носиме сите ние. Не сме судии на никому да судиме. Се бориме да отвориме простор за секој кој сака да учествува во дејствувањето на ВМРО ДПМНЕ, тоа слободно да го направи. Тоа да биде негова лична и слободна одлука. Оттука, г-дин Георгиевски кој е и основач или еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ доколку почувствува дека тој простор е отворен, се надевам ќе донесе одлука во таа насока, во насока на обединување на сите ние кои сме се определиле политички да дејствуваме под знамето на Организацијата.
Беа извршени промени во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од поранешните членови меѓу кои Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска веќе не се дел од составот на кабинетот. Тие беа заменети од нови лица, дали според Вас „освежувањето“ во врвот на партијата ќе донесе позитивни промени?
Сега пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ се предложени два концепта, освежувањето на Груевски и суштински реформи на Внатрешната иницијатива за реформи на партијата. Видовме што има да понуди тоа освежување. Се се сведе на формална промена на неколку членови на ИК, без никаква суштина. Освежувањето не успеа, напротив видно е се поголемото незадоволство на членовите. Ред е сега да се отвори простор за суштинските реформи.
Дали според Вас поранешниот граѓански активист Богдан Илиевски ака Бетмен Велит и поранешниот кадар на ЛДП Христијан Мицкоски се лицата, кои со своето делување ќе помогнат во демократизацијата на Вашата партија? Со што тие ги заслужија своите функции? Да не забораваме дека Христијан Мицкоски сепак доаѓа на позицијата генерален секретар на партијата, функција која ја обавуваше поранешниот службен премиер Емил Димитриев.
Ние не ги коментираме личностите и нивниот личен капацитет и интегритет. Ние имаме забелешка на легитимноста на одлуката за промена на ИК. Самиот Груевски кажа дека на повеќе од половината членови на ЦК им е истечен мандатот и тие луѓе не беа повикани на таа седница на ЦК. Не е јасно како може ЦК без мандат и во отсуство на огромен број на членови на тоа тело, да донесе одлука за нов ИК. За нас, “новиот” ИК на Никола Груевски е нелегитимен, па нема потреба да го коментираме неговиот персонален состав.
Како човек со јасни десничарски позиции, во време кога десничарската идеја во Македонија се наоѓа во ситуација, која не е за завидување, што треба да се направи за преродбата на десничарската мисла во Македонија? Каков отпор треба да се даде на левиот популизам, што е длабоко навлезен во скоро сите партии во Македонија (овде може да се наведе и ВМРО-ДПМНЕ) со исклучок на партиите кои негуваат строго конзервативна политика?
Предлагам да се отвори мислата и слободата да дејствува. Тоа ќе ја обедини целокупната десничарска опција во државата. Окрупнувањето на опозицијата, особено десниот блок, ќе придонесе за побрз пад на Владата на Заев и формирање на десничарска политичка Влада на Р.Македонија. А за тоа, кој и како ја разбира десничарската идеологија, за тоа е потребен процес на образование, унапредување на знаењето, читање…но во исто време и простор за слободно толкување на секој кој сака да размислува со своја глава.
Дали вие како претставник на реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ можете да ветите на Вашите поддржувачи, дека доколку Вашата иницијатива успее, ќе се залагате партијата да се исчисти од сите недесничарски елементи и новинарски пера кои веќе 11 години гравитираат и профитираат околу и од партијата и прават реална штета на секој обид за обединување на десничарските партии во Македонија.
Ќе повторам, ние не сме судии. Ние сме активисти на партијата и бараме демократизација и модернизација. Откако ќе се отвори простор членовите слободно да одлучуваат, на нив ќе остане одлуката кој и како да ги претставува. Доколку мнозинството се определи за нови лица и нови политики, ние тој став ќе го почитуваме и ќе работиме на негово спроведување. За тоа дали ќе успее нашата иницијатива, би додал само дека сме убедени дека иницијативата ќе успее, постоеше сомнеж дали комунизмот ќе падне па падна, Валенса и Хавел се хероите на тоа време, комунизмот падна и се роди демократијата во источниот блок земји. Иницијативата убеден сум дека ќе успее, ВМРО-ДПМНЕ ќе се демократизира, примерот на партиска демократизација ќе мора да биде следен и од другите политички субјекти во Македонија, а и пошироко во Балканот па и Европа, тоа ќе биде незапирлив процес за кој сум особено горд што ќе потекнува од Македонија, од нас луѓето од Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ и барем македонците-вмровците ќе бидат синомим и познати во светот како луѓе кои воспоставиле нови стандарди во демократијата.