Во текот на вчерашниот ден и официјално беше познато оти Нејмар заминува за Франција во Пари Сен Жермен каде денеска воедно и е претставен на јавноста.
Бразилскиот ас имаше можност да се соочи со медиумите со кои зборуваше за неговиот потег да ја „шутне“ Барселона и да дојде на „Паркот на Принцовите“ во Париз. Тој ги отфрли сите натписи, размислување и ставови на луѓето дека само поради парите решил да си замине од Барса.
-Што можам да им кажам на луѓето кои не знаат ништо за мојот личен живот, никогаш не сум бил мотивиран од парите. Само размислувам да бидам среќен заедно со семејството, сакам тие да бидат среќни. Ако ги следев парите ќе бев на друго место, во други клубови и земји. Тажен сум што луѓето така размислуваат, среќен сум што ПСЖ веруваше во мене, -истакна Нејмар кој воедно отфрли уште една теза дека доаѓа во Париз зошто сака да биде главна ѕвезда на клубот.
-Ова е амбиција, имаат слична амбиција како мојата. Сакам нешто големо, поголем предизвик, со моето срце ја донесов оваа одлука, тоа ме донесе. Поради тоа сум тука, сакам да го дадам најдоброто и да му помогнам на клубот. Дојдов во Париз зошто барав нов предизвик. Не беше зошто не бев ѕвезда во Барселона, добро се вклопив таму. ПСЖ заслужува трофеи и јас ќе имам нови трофеи, тоа ме мотивира, сакам сонот да биде поголем, -потензираше новиот член на „светците“.
Извор: 24Фудбал