Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието, изјави дека СДСМ пред две недели предложила нов начин на пресметка на патните трошоци на пратениците.
„Евидентно е дека прашањето е актуелно и ова е доказ дека ние не бегаме од актуелни прашања и сакаме да дебатираме со јавноста, а тоа оди преку медиумите. Прво, сите се сеќавате дека четири месеци, од нова година до крајот на април, зборувавме дека не се потребни празни и јалови дискусии за нешто што е извесно, за избор на претседател на Собранието.
Четири месеци се обидувавме да ги убедиме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема потреба да се одолговлекуваат седниците, да се доаѓа секој ден, да се дискутира едно исто со реплика на реплика. Секое доаѓање на пратениците значи и патни трошоци, значи доаѓање на работа. Јас сум од Охрид, јас патувам секој ден. Мене во описот на работата за доаѓање на работа, ми е пет часа дневно во автомобил, јас возам 350 километри во денот и немам избор. Тоа е регулирано законски и Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица и со Одлука за висината за надоместок што ја носи Комисијата за избор и именувања во ова Собрание. Значи, една од причините за големиот број доаѓања на пратениците, беше токму таа и ние со месеци укажувавме дека непотребно доаѓаме и дека непотребно се трошат пари на граѓаните“, вели Тунтев.
Изјавата следи откако медиумите објавија дека за само три месеци во кои Собранието не работеше под полна пареа четириесет и пет пратеници кои не живеат во Скопје потрошиле околу 74 илјади евра од буџетот, покажуваат податоците за исплатен надоместок за патни трошоци. Од СДСМ на име на патни трошоци најмногу наплатил токму координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев кој за неговото патување од Охрид до Скопје за три месеци зел 2.588 евра.