2.600 полициски службеници ќе бидат задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и фан-зоните, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба. Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови Реал Мадрид и Манчестер јунајтед и знамиња на Шпанија и Англија. Од МВР апелираат до сите што имаат билети за следење на овој натпревар да дојдат порано на националната арена заради избегнување непотребен метеж. На влезот се предвидени ригорозни контроли и нема да биде дозволено внесување монети, запалки, лименки, шишиња или други предмети, соопшти Министерството. Од МВР велат дека се преземени сите потребни мерки и активности со цел организацијата на Суперкуп натпреварот на УЕФА меѓу екипите на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во Скопје да мине во најдобар ред.