4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Могерини: ЕУ јасно ја покажува целосната и континуирана посветеност за Македонија и регионот

Неодамнешните посети на високиот претставник и заменик-претседателот на Европската Комисија и на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика јасно ja покажуваат целосната и континуирана посветеност на ЕУ за Македонија и за регионот во целина.

Ова, како што јави дописникот на МИА од Атина, го напишала високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини во одговорот до европарламентарецот и заменик претседател на Европскиот парламент Димитрис Пападимулис, кој поднесе писмено прашање во врска со ситуацијата во Македонија.

Пападимулис писмото го испратил на 4 мај и во него нагласил дека „Македонија е поткопана од континуирана политичка нестабилност, со политички и меѓуетнички раздор кој се влошува“. Пападимулис во писмото уште напоменал дека „се интензивира климата на политичко ривалство, постои континуирана несигурност во прашањето за формирање влада, медиумите се обидуваат да се замолчат, независноста на судството е доведена во прашање, а насилството и судирите ескалираат“. Тој тогаш додал и дека ситуацијата во Македонија „ја влошува и националистичката и иредентистичка реторика на албанскиот премиер Еди Рама и политиката на Косово кои се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од вистинските проблеми на сиромаштијата и корупцијата“.

– Овие појави ја загрозуваат стабилноста и развојот на земјите од Западен Балкан, како и нивниот европски пат, заклучил Пападимулис.

Одговорот на Могерини е со датум од 27 јули, но грчкиот европратеник го објави денеска и во него се истакнува дека „присуството и посветеноста на ЕУ за земјите од Западен Балкан е од витално значење за мирот и стабилноста во регионот и неговото економско заздравување“.

– Во овој контекст, ЕУ ја изрази својата подготвеност да соработува со новата Влада на поранешната југословенска Република Македонија, која веќе направи позитивни чекори кон стабилизирање на односите со своите соседи, вели Могерини во одговорот.

Таа, исто така, додава дека претставниците на ЕУ во нивните изјави, но и во директните контакти со политичките лидери постојано предупредуваат дека треба да се избегнува секаква провокативна реторика, како внатре, така и надвор од земјите.

– ЕУ промовира мир, помирување и регионална стабилност преку дијалог и консензус, и ќе продолжи да го прави тоа, нагласува Могерини.

поврзани објави

Последни објави