6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Една „вмроФка“ против еден игумен

Еден игумен се осмели да излезе од калапот и веднаш беше определен за „вториот Вранишковски“. Секој што не размислува како Него, е предавник и изрод, така размислува или пак така е платена да размислува една „вмроФка“. Но проблемот не е во тоа, тој се крие на сосема друго место.

Култот кон личноста е плод на тоталитарните режими, ВМРО макар и карактерезирана од некои „авторитети“ како „терористичка организација“ низ историјата не патела од потребата да создава било какви култови од ликовите на своите лидери. Немало потреба, бидејќи за да застанеш начело на една таква Организација, не било доволно само претходниот лидер да те протежира, било потребно и нешто што ќе го имаш внатре во себе, а имено потготвеноста и вештината да се внесеш во делото и да се жртвуваш за истото.

Денес „наследниците“ на вмровските идеали цитираат комити, ама се многу далеку од комитите. Нормално е, помина времето на нагантот и камата и дојде времето на перото и тастатурата.

Ако пред 90 години идеолошките неистомисленици се ликвидирале директно, денес тоа се прави индиректно. Се пуштаат евтини етикетирања лесно сварливи за простата раја.

Ете го Партеније, тој е вториот Вранишковски!!! Го пречека Бугаров како брат, а требаше да му ги затвори портите на манастирот, пошо Бугарите во моментов (а и од порано) се перфектното плашило. „Држете се заедно, верувајте во митовите и легендите со кои ве индоктринираме од мали нозе, оти Бугарите ќе дојдат “, а Бугарите како што знаеме од филмот на Раде Шербеџија „Ослободување на Скопје“- апсат се живо и диво.

Бугарите „дојдоа“ во 2001, давајќи и тенкови на Македонија за време на вооружениот конфликт во земјата. Бугарите дојдоа и за време на поплавите во Стајковци. Онака самоиницијативно, изгледа пак со задната намера да го посеат семето на бугарштината во поплавените региони. Бугарите пратија и хеликоптер, кој се вклучи во гаснењето на големите пожари кај Требовље (Македонски Брод). Изгледа и тоа им е смислено. Реонот на Порече е познат како Мала Шумадија, па ништо чудно, хеликоптерот на Бугарите да е пратен со извидничка мисија за да се најде начин како да се окупира и сузбие тоа жариште на македонизмот од најчист миленков тип.

Токму поради фактот што игуменот на манастирот „Јован Бигорски“ одбива да се вклучи во ова масовна хистерија, една „вмроФка“ одлучи да удри по него. Никој не смее да стои надвор од редот и да ги става под знак прашалник спуштените тези од „кујната“ на Лидерот.

Се започна од изведбата на еден марш. Маршот на македонските револуционери. Таа изведба ги разбрани духовите и кај контроверзните и кај удобните. На првите им дојдоа солзи на очите, а другите по дифолт не плачат на бугарашки химни забранети од комунистите. Тие „плачат“ за битката кај Херонеја, „плачат“ оти така треба и само така можат да му се допаднат на Лидерот.

Никој не смее да мисли! Никој не смее да прашува! Никој не смее да се бунтува, бидејќи бунтовноста не е вмроФска карактеристика. Заборавете ги сите клишеа за непокорот. Политички неисплатливо е да бидеш непокорен бидејќи веднаш ќе те наречат ја вториот Вранишковски, ја нешто уште полошо. Во секој случај рајата ќе те нарече предавник и изрод од тоа нема бегање.

Читајте што ви вели „вмроФката“, оти таа знае како да ве држи надвор од несаканите проблеми. Читајте, бидејќи утре тоа што денес сте го прочитале, може да ви биде претставено сосема поинаку, но и тогаш поентата ќе биде иста. Калапот спуштен од Лидерот не смее да биде уништен. За мир во куќа.

Пишува: Петар Колев

поврзани објави

Последни објави