Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на АРМ ги повика сите припадници на Армијата заедно да работат за, како што рече „нашата заедничка визија – Македонија членка на НАТО, сигурна и просперитетна, со Армија со која се гордее, но и на која и возвраќа“.
– Немам дилеми дека оваа визија не држи сите обединети во државата. Но, визија без конкретни планови, без јасни чекори е само сон и создава разочарување. Македонија неколку години доцни со стратешки одбранбени документи чија задача е токму тоа-да дефинираат конкретни чекори со конкретни датуми, обврски и задачи, рече Шекеринска на свечениот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ.
Според неа, за да ги постигнеме овие цели ни треба дисциплина, конзистентност и лидерство.
Министерката за одбрана се обврза дека ќе помогне да се подобрат елементарните услови за работа, обука и функционирање. Некои, како што рече, ќе продолжат со јакнење на големата доверба кај меѓународните партнери, со беспрекорните резултати покажани на тешки операции и мисии низ светот.
– Стабилна Македонија, безбедна Македонија, Македонија како полноправен член на НАТО. Сето тоа е огромен чекор напред за развојот и просперитетот на нашата држава, но и за целиот регион. Само заедно можеме да ги совладаме предизвиците и заканите кон вредностите во кои заеднички веруваме, нагласи Шекеринска.
Таа им одаде почит и им искажа благодарност на сите оние кои ја носат униформата на Армијата.
– Армијата е тука кога ни е најтешко, во првите редови во заштита на граѓаните и одржувањето на безбедноста и мирот. Во екот на мигрантскиот бран Армијата на Република Македонија се вклучи во обезбедувањето на нашата јужна граница и нашите војници се уште се таму. Во најтешките денови по ланските поплави 580 војници одговорија на крикот за помош на граѓаните на оваа држава рече Шекеринска.
По повод Денот на АРМ повеќе институции, странски вооружени сили и пријатели на Армијата испратиле телеграми со честитки. Пред зградата на Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, на свечениот собир присуствуваа и началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, генерали и вработените во Министерството за одбрана и во АРМ.
Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите и починатите борци за слободата на Македонија и загинатите припадници на Армијата. Цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители од 2001 година пред платото на МО/ГШ на АРМ положија делегација од Министерството за одбрана, предводена од министерката Шекеринска, делегација од ГШ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и од делегацијата од Здружението на семејствата на загинатите бранители.
На свеченоста беа прочитани и наредбите за унапредените, наградените и пофалени припадници на ГШ на АРМ и МО на Република Македонија. За вложениот труд, остварените резултати и придонесот во формирањето и развојот на Армијата, Плакета му беше доделена на првиот министер за одбрана на Република Македонија Трајан Гоцевски и на потполковникот во пензија Митре Арсовски, прв началник на ГШ на АРМ.
Централната свеченост е најавена за вечер, во 19 часот на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, во присуство на претставници од државни институции, локални самоуправи, амбасади, граѓански здруженија и други. На свеченоста ќе се обрати претседателот Ѓорге Иванов.
На градските гробишта во Бутел во Скопје повеќе делегации со воени почести денеска положија цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска од девет до 19 часот ќе биде поставена целодневна изложба на борбени средства, техника и воена опрема на АРМ. Во текот на изложбата ќе бидат изведени и показни вежби од страна на припадниците на полкот за специјални намени, баталјонот за почести и центарот за обука и дресура на кучиња.
На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.