СДС стана синоним за хаос, непочитување на закон и дрскост. Постапката за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски која вчера ја истуркаа пратениците на СДС и Талат Џафери во Собранието на Република Македонија е целосно незаконска. Тоа го потврди и антикорупциската комисија. Постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат носители на јавни функции откако се распишани изборите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС не го интересира законот. На Зоран Заев му се брза. Целата јавност виде како бара поткуп од 100.000 евра за Вицето. Затоа СДС мора час поскоро да ја отпочне процедурата за избор на нов јавен обвинител. Човек кој ќе биде послушник на Заев. Човек кој ќе се обиде и по трет пат да го спаси и аболицира, како што беше сторено и за случаите „Глобал“ и „Пуч“. На СДС и на Заев не им одговара јавен обвинител кој отвори случаи за поткуп на избирачи во Струмица и во Куманово. На Заев му треба јавен обвинител кој ќе ги затвори овие предмети и ќе го испере СДС. Јавен обвинител кој ќе функционира под негова команда и ќе испрати порака дека криминалот на СДС е неказнив, истакна Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Мислењето на Антикорупциска комисија, додаде тој, во кое се вели дека не може во период на кампања да се разрешува или именува јавен обвинител е доказ за аргументираната и принципиелна расправа на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“.
-Талат Џафери и СДС го кршат Уставот и законите. Ова преставува институционално насилие. Џафери и СДС свесно го игнорираат законот и Уставот. Затоа Џафери и СДС имаат потреба да ги охрабрат оние што го прават ова дека имунитет ги штити пратениците од кривично гонење. Имунитет може да ги штити пратениците од кривичен прогон, но не ги штити од казната на граѓаните која ќе следи. Најмеродавниот суд е судот на народот. Токму народот ќе им пресуди со својот глас за хаосот и беззаконието кои ги креираат и за уништувањето на државните институции кое секојдневно го гледаме. СДС ја турка Република Македонија во неизвесност и ја приближува кон работ на провалијата. Граѓаните ќе ја донесат пресудата на 15-ти октомври, подвлече Димков.