Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, не се откажува од идејата за расправа по рефератот дали бомбите на опозицијата може да се користат како докази во судската постапка. Вангеловски, кој е на годишен одмор, за „Макфакс“ изјави дека произнесувањето на Апелациониот суд во Скопје за издвојувањето на доказите во случајот „Насилство“ во Општина Центар е само за конкретен предмет. „Од она што сум информиран се работи за укинувачо решение, а не за мериторна одлука“, вели тој.
Вангеловски вели дека општата седница на Врховниот суд расправа генерално за правното прашање, а не за конкретниот случај и ќе го има предвид и решението на скопска Апелација. За продолжението на седницата претседателот на највисокиот суд информира дека јавноста ќе биде известена. Расправата е иницирана од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој поднесе реферат со цел Врховен да донесе начелно правно мислење за употреба на бомбите во судска постапка.
Апелациониот суд во Скопје на почетокот на август одлучи да ја уважи жалбата на Специјалното јавното обвинителство и оцени дека снимените материјали може да бидат доказен материјал за предметот поврзан со насилството во Општина Центар. Со оваа одлука Апелација практично дозволи бомбите да бидат третирани докази во кривичната постапка, што Основниот суд Скопје 1 ги отфрли во декември 2016 година.
Досегашната судијка во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска, која беше поканета од претседателот на Судот, Јово Вангеловски, на врховните судии во мај им подели 35 примероци од пресуди на Судот, според кои, нелегално стекнати материјали може да бидат докази во судски постапки. „Судот не може да си земе улога на законодавец и тој да ја уредува таа материја, туку треба да се дозволи индивидуализација на секој случај, индивидуален пристап на секој случај“, рече тогаш Лазарова-Трајковска.