Македонија и Србија ќе работат на зачувување и унапредување на билатералните односи, а секое евентуално несогласување во меѓусебните односи ќе го решаваат исклучиво со дијалог, договориле македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ во денешниот телефонски разговор за новонастанатата состојба во односите меѓу Скопје и Белград.
Заев и Вучиќ, како што се наведува во заедничкото соопштение, се согласиле дека Република Македонија и Република Србија, без оглед на сите политички разлики за одредени важни политички регионални прашања, заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ и граѓаните на двете земји.
Македонија и Србија ќе вложат и дополнителни напори за натамошно унапредување на економските односи и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
– Република Македонија и Република Србија во согласност со меѓународните правни прописи, во добра волја и на пријателска основа ќе ги штитат правата и интересите на дипломатско-конзуларните претставништва на својата територија. Република Македонија и Републикиа Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникиација на највисоко ниво, меѓусебно ќе се подржуваат на европскиот пат и ќе ги јакнат добрососедските односи и стабилноста во регионот, се наведува во заедничкото соопштение издадено по денешниот телефонски разговор меѓу претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Во соопштение конкретно не се спомнува кризата во дипломатските односи меѓу Беград и Скопје која почна во неделата кога Србија во неделата го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје, првично без образложение на причините. Ден подоцна, во понеделникот, српскиот претседател Вучиќ и министерот за надворешни работи Дачиќ, објавија дека дипломатите и вработените во амбасадата во Скопје биле повлечени поради „офанзивна разузнавачка активност против институциите на Србија“.
Српскиот претседател Вучиќ синоќа во изјава за РТС рече дека „работите меѓу Македонија и Србија ќе тргнат во подобар правец“. Најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во амбасадата во Скопје и оти работите ќе се нормализираат. Вучиќ не очекува односите да бидат на највисоко ниво, туку, како што наведе, пристојни.
Владата на Република Македонија ги поздрави најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки, негира дека се преземни какви било активности против Србија.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на прес-конференција изјави дека Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји вклучувјаќи ја тука и Србија.
– Суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата Влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот наспроти создавање проблеми. Тоа е политика на отворени врати и решенија, на нов, конструктивен и отворен пристап кон соседите. Тоа се решенија кои водат кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкружувањето. Доколку постојат било какви недоразбирања, сметаме дека вистинскиот начин тие да се адресираат е директен разговор, дијалог, истакна Димитров.