11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

САД блокираа 300 милиони долари помош за Египет, поради непочитување на човековите права

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп скрати 100 милиони долари воена и економска помош за Египет и одложи уште приближно 200 милиони долари воена финансиска помош, се додека нема подобрување во почитување на човековите права и дејствија на намалување на ограничувањата за граѓанските и невладините организации, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на официјални извори од Белата куќа.

Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, одлучи да го запре доделувањето на 65,7 милиони долари воена и 30 милиони долари економска помош за Египет, што се „на чекање“ уште од фискалната 2014 година. Парите ќе бидат пренаменети, што значи дека ќе бидат пренасочени кон други држави.

Освен тоа, Тилерсон потпиша наредба за доделување на 195 милиони долари воена помош за Египет, изјавувајќи дека тоа одговара на американските национални интереси, но одлучи нејзината реализација да ја одложи.

Тилерсон има рок до крајот на фискалната година – 30 септември, за да одлучи дали да ја потпише наредбата за доделување на помошта, што ќе значи дека смета дека Египет ги исполнува условите за почитување на човековите права, или парите ќе ги врати во Министерството за финансии. Ваквото одложување на Египет му дава дополнително време да ги исполни барањата за добивање 195-те милиони, одобрени од Конгресот во фискалната 2016 година.

Американските извори подвлекуваат дека САД и натаму Египет го сметаат за важен стратегиски партнер, но остануваат сериозно загрижени од недостигот на напредок во областа на човековите права, вклучувајќи го и прифаќањето на новиот закон за невладини организации, што беше критикуван дека е преголем и дека се користи за репресии врз опозицијата.

поврзани објави

Последни објави