СЈО продолжува да работи како алатка на СДС за политички притисок, ова на денешната прес-конференција го итакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-СДС е исплашен дека граѓаните го препознаа хаосот што го креира Заев и дека ја губат поддршката пред локалните избори и затоа СЈО доби задача да се вмеша и да се обиде да влијае на изборниот процес. СЈО направи правен преседан. Покрена постапка против пет судии од Управниот суд заради нивно слободно судско уверување. Судскиот совет надвор од секаква правна логика им го одзеде имунитетот на судиите. Одлука која е резултат на потклекнување на притисок, отколку што е резултат на некакви аргументи. Одлука која испраќа порака до сите судии дека може да одговараат за секоја одлука, доколку се разбира таа не е по волја на Зоран Заев и СЈО. Класичен политички притисок врз сите судии, а особено кон оние во Управниот суд кој одлучува по жалбите околу изборниот процес, потенцираше Ѓорѓиевски.
Тој истакна и дека повеќе од очигледно дека изигрувањето на волјата на граѓаните е позадината на тоа што без никаков аргумент СЈО процесуираше обвинение и против двајца членови на Државната изборна комисија.
-СДС преку СЈО врши притисок на Државната изборна комисија која ги спроведува изборите, се грижи за нивната регуларност и одлучува дали ќе се прегласува по поднесените приговори за изборни нерегуларности. Зоран Заев и СДС се свесни дека ја немаат поддршката од граѓаните на Република Македонија. Затоа преку СЈО со заплашување и закани ќе се обидат да ги стават под контрола ДИК и Управниот суд со што непречено ќе можат да ги наместат локалните избори и да ја изиграат волјата на граѓаните, рече Ѓорѓиевски.
Тој вели дека Зоран Заев и СДС сметаат дека преку нивната политичка алатка СЈО ќе можат да владеат вечно и така ќе имаат доволно моќ за да им успее нивниот план за разнебитување на државата.
-Недемократското, безобразно и антидржавно владеење на СДС ќе запре. Тогаш секој кој работел спротивно на закон, нелегално непрофесионално ќе сноси одговорност и ќе одговара за своите постапки пред Уставот и законите. Политичките притисоци и изборни манипулации нема да поминат кај граѓаните на Република Македонија. Зоран Заев и СДС ќе сносат политичка одговорност и на локалните избори ќе ги стигне казната од граѓаните, заврши Ѓорѓиевски.