Пред 121 година на белиот свет се појавил најконтроверзниот од контроверзните. Човекот за кого тие што сакаат да им е „мирна“ главата, кога се работи за нивните симпатии кон историското ВМРО најчесто се прават дека не ни постоел или пак си ја перат совеста со муабети од типот „Тодор го поштувам, ама на Ванчо не му била чиста работата“. Во Македонија е така, мораш да се пазиш да не ти излезе име. Ако почнеш отворено да говориш за улогата на Михајлов и заборавиш да спомнеш дека бил контроверзен, готов си. По стара југословенска традиција ќе бидеш објавен за „бугараш“ и еден куп „докажани“ чувари на македонизмот секој ден ќе те колнат до девето колено.
Да, Радко бил контроверзен. Ги нарачувал убиствата на своите неистомисленици. Во стилот на работа и на облекувањето повеќе личел на бос на Коза Ностра, отколку на лидер на револуционерна организација. Соработувал со усташи, фашисти, нацисти. Во 1925 г. ја пратил својата идна сопруга Менче Крничева да ја исполни пресудата врз Тодор Паница во Виена. Бил близок со д-р Анте Павелиќ, преговарал со Хитлер. Се служел со итрост и ја користел подготвеноста за саможртва на своите најверни комити/атентатори: Владо Черноземски, Димитар Стефанов, Кирил Дрангов, Мирчо Кикиритков и др за да се зацврсти како единствен лидер на ВМРО. Во еден период верувам дека и самиот не бил свесен за колку тајни служби работел и колку смртни пресуди му виселе на врат.
Да, Радко не бил комита како оние од песните. Не носел брада, не носел револвер „Нагант“ и не се шетал со скриена манлихера под пелерината. Многу од тие кои биле дел од Организацијата, иако никогаш не го виделе, биле подготвени да умрат за него. Чудно нели? Храбри мажи што виделе се во животот, да имаат толкава стравопочит кон човек, на кого само името му го чуле и знаеле дека е лидер на Организацијата. Можеби затоа е контроверзен Радко… на невидено му се плашеле.
Смртниот грев на Михајлов е познат. Сите го знаете, затоа нема да зборувам за него овде. Доволно е напишано и кажано.
Македонија како да не е созреана да го прифати минатото, а имено дека „имаше едно лошо момче од Ново село, Штипско, ама беше наше момче“. Михајлов засекогаш ќе остане не само во македонската, бугарската, српската но и во светската историја, а дали мнозинствотото од населението на земјата за која тој се бореше на негов си начин, ќе продолжи да го смета за контроверзен, тоа веќе не е моја работа да го коментирам.
PS: Јас сум убеден дека само САД ќе и помогне на Македонија да опстане. Јас сум на некој начин американофил… CIA не била импресионирана од ликот и делото на Иван Михајлов, бидејќи според нејзините сознанија тој бил „гангстер, на кој САД не може да му верува“… Да не си помислите дека градам култ кон нечија личност. Култовите барајте ги кај комунистите, јас не сум во тој филм :).
Пишува: Батко Тане