14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Царовска: Нема да се населуваат бегалци, ниту пак ќе се градат станови за нив

Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту ќе се градат станови за нив, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Цароска, која во Битола учествуваше како гостин на седница на Советот на општината.

ВМРО-ДПМНЕ, рече таа, шири ксенофобија и лажни вести.

– Ние како Влада упатуваме советниците да се одговорни и одговорно да ја користат говорницата во општината. Нека кажат од ВМРО-ДПМНЕ со кој документ Владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови, рече министерката за труд и социјална политика.

Напротив, потенцира таа, тоа се случувало во времето кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт и одземале парцела и надлежност во општина Сарај.

– Оваа Стратегија не се однесува на мигранти, напротив Резолуцијата што ја донесе Собранието на Република Македонија за мигранти ја изгласа мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ. Македонија е држава која што ратификувала Конвенции за заштита на човекови права. Многу е важно да се потенцира дека референдумот е демократско право и ние веруваме во изјаснувањето на граѓаните за важни прашања на референдум, но ова прашање е лажно прашање, истакна министерката Царовска.

Повод за гостувањето на министерката Царовска на седницата општинскиот Совет беше точката на дневен ред за почнување на постапка за организирање на Референдум во Битола. Ја постави мнозинството советници на битолскиот Совет предводени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“ со која се предвидува референдумско изјаснување на граѓаните за или против населување и интеграција на мигранти на подрачјето на општина Битола.

Според претседателката на општинскиот Совет, Силвана Ангелевска, точката на дневен ред е поставена на барање на граѓаните.

– Граѓаните преку граѓанската иницијатива „Будење“ побараа да има референдум на кој ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ населување и интеграција на мигранти на подрачјето на општина Битола. Согласно Законот, одлуката стапува на сила откако ќе се објави во Службен гласник и тој може да се реализира во период од 25 до 40 денови за спроведување. Нема манипулации со датумот на одржување и тој ќе биде предложен до Државната изборна комисија која треба да направи процена на одржување на референдумот, посочи Ангелеска, претседателка на Советот на општина Битола.

Координаторката на советничката група на СДСМ Наташа Петровска побара, како што рече, да се тргне вештачки поставениот страв од страна на ДПМНЕ кон граѓаните на Битола.

– Ние како советници уште на претходната седница побаравме Советот на општина Битола да донесе одлука која ќе гласи „Советот на општина Битола е против населување и интеграција на бегалци на територијата на општина Битола“ и на овој начин ќе се заштедат пари на нашите граѓани кои ќе бидат употребени за понасушни потреби. За жал позицијата го одби овој наш предлог, изјави координаторката на советничката група на СДСМ Наташа Петровска.

поврзани објави

Последни објави