Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владината делегација со којашто е во официјална работна посета на Израел, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски се сретна со неговиот домаќин, премиерот на државата Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Стоиме заедно на страната на мирот во светот, е пораката што ја испратија двајцата премиери во заедичката изјава за медиумите
– Гледаме заедно кон подобра иднина. Ги разгледуваме начините и полињата каде што можеме да соработуваме во интерес на луѓето и на нашите земји. Научивме од минатото како да ја обезбедиме иднината. Израел е технолошки развиена земја и ќе и помогне на Република Македонија, соопшти израелскиот премиер Нетанјаху.
Премиерот на Македонија, Заев соопшти дека за Република Македонија значат искуствата на Израел во иновациите и старт ап бизнисите, како и дека новата Влада ќе ги употреби израелските искуства за калитетен живот на граѓаните на Македонија.
– Имаме чест да сме во Израел. Го посетивме израелскиот претседател на државата, имавме состанок со бизнис заедницата, посетивме успешни компании коишто почнале како старт ап компании, значајни компании со коишто се надеваме дека ќе имаме натамошна соработка на економско ниво. Со Израел немаме отворени прашања, пријателски земји сме. Нашата соработка со Израел се надеваме дека ќе биде на две нивоа, безбедноста и светскиот мир, она за што е Израел добар пример во светот. Се надеваме дека низ организациите како што е НАТО, целиме да бидеме членка на НАТО, дека ќе продолжиме да соработуваме, бидејки заканите од радикализмот и екстремизмот се присутни овде во Израел и во овој регион, но исто така и за Македонија и за регионот на Западен Балкан. Соработуваме на полето на безбедноста и одбраната до сега и знам дека ќе ја зголемиме соработката, бидејки е интерес на сите граѓани и нации. Имаме што да учиме од Израел, за технолошкиот развој и иновациите, за старт ап компаниите, со цел да отвориме работни места за младите. Тоа е една од најважните работи за еден премиер и за една Влада, рече премиерот Заев.
Во изјавата за медиумите претседателот на Владата, Заев, ја нагласи и определеноста на Владата и на граѓаните на Македонија за почитување на културното наследство на Евреите.
– Потенцирам дека Македонија со голема почит го негува културното богатство на Евреите во нашата држава. Го одржуваме сеќавањето на жртвите од Холокаустот, со порака никогаш да не се повтори. Во 2011 година, беше отворен Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, а од 2015 година активно се работи кон целосна обнова и рехабилитација на Еврејските гробишта во Битола и изградба на Спомен парк, рече премиерот Заев.
По изјавите, претседателот на Владата Заев и владината делегација беа на работен ручек со премиерот Нетанјаху, којшто помина во пријатна и конструктивна атмосфера.
Премиерот Нетарнјаху изрази поддршка на евро-атлантските аспирации на Република Македонија.
Договорено е продлабочување на економската соработка преку воспоставување на програма за технолошко усовршување и поддршка за иновации. Разгледани се можности, инженери, математичари, претприемачи од Македонија да престојуваат во Израел и да соработуваат со старт ап фирми во високата технологија.
Се разговараше за израелски инвестиции во Македонија, за поинтензивни бизнис средби, како и за организирање поголем бизнис форум, по можнопст до крај на годината, со цел зајакнување на соработка меѓу приватниот сектор од двете држави.
Исто така разгледани се и условите за засилена соработка во земјоделство, преку размена на искуства во технологијата и конкретни инвестиции, во енергетиката, со оглед на хидро-потенцијалите и обновливите извори на енергија со коишто изобилува Македонија, а Израел има големи искуства во нивната примена, како и во областа на туризмот. Во таа насока беше разгледана можноста за диреткна авионска линија на релација Скопје – Тел Авив.
Премиерот Заев во Израел е на средба и со лидерот на опозицијата, пратеникот во Ксенсетот, Јицхак Херцог, со што ја завршува успешната работна посета на Израел.