Добро што фудбалерите на македонската репрезентација одиграа јуначки меч и со надчовечки напори успеаја да избегнат пораз (иако заслужија убедлива победа) од вечерва далеку послабата селекција на Албанија, за од трибините на стадионот „Младост“ во Струмица да се слушне за момент и македонска песна, навивање на нашите фанови…
ФФМ во минатите неколку дена чинеше сѐ за билетите за овој меч да бидат дистрибуирани на „нормална“ публика, да нема членови на ултрас групите од нашата земја, со цел да биде избегната секоја непосакана ситуација. Беа барани лични карти, се продаваа билетите по локалните струмички кафулиња, се идеше по принципот „од човек на човек“. Но…
Гостинските навивачи, околу 300 на број, беа сместени на две трибини (!?) целосно ја надвикаа дваесеткратно побројната домашна публика. Зашто евидентно беше дека во Струмица од Албанија се дојдени вистински навивачи. Настрана нивниот национализам и песните за „Голема Албанија“, скандирањата „УЧК УЧК“… гостинските тифози навиваа во текот на целиот меч иако нивните фудбалери беа во далеку подредена ситуација на теренот. Нашите фудбалери како да играа на гостински терен иако на трибините имаше околу 6.000 македонски навивачи. Но тие воглавно молчеа со повремени скандирања, во зависност од нашите шанси…
Единствено по израмнувачкиот гол на Трајковски, стадионот „зовре“, но сепак тоа траеше десетина минути, за подоцна повторно да се слушаат само гостинските симпатизери.
Извор: Спорт1