13.8 C
Skopje
Monday, October 28, 2024

Panem et circenses*

Нашата мила Македонија преживеала еден куп премрежја, ќе ги преживее и Палчо и Геро. Убаво шоу направија двајцата „авторитети“. Слично на она, што го направи спеџијалната обвинителка Катица Јанева додека се дереше „Отвори“ пред капијата на МВР пред речиси една година. Ви текнува на култното видео нели?

Денеска главните улоги во серијата „Дајте им леб и игри на луѓето“ беа доделени на Бранко Героски (познат новинар отворен симпатизер на СДСМ) и Љупчо Палевски (бизнисмен и поранешен прв човек на СДСМ во Скопје). Си закажаа тепачка, од која реално најголем ќар имаше газдата на локалот „Манда“. Нормално на договореното место, во договорениот термин се наполни со сеирџии. Од сите бои. На лице место беше дури и почитуваниот Владе Милчин (изгледа за да му даде морална поддршка на Героски).

Палчо го офарба Геро во „патриотските бои“, црвена и жолта, за да му каже дека ја продолжува Шарената револуција, започната токму од фановите на Героски. Што делеа навистина поранешниот комуњар и сегашниот адвокат на комуњарите еден Господ знае… Рајата си ја доби новата доза сеир, проблемите за момент беа заборавени. Се е во ред.

Геро и Палчо си ги изиграа улогите до совршенство, оти нели, ако не беа совршени играчи немаше да создадат толкава фама околу себе, туку ќе беа обични смртници, кои проблемите околу својот сопствен опстанок, од дожд на ветар ги проголтуваат со по некое бесплатно реално шоу за дегенерици.

Прееска го видов првиот дел од „документарката“ на А1 Оn посветена на трите млади „партизанки“ од СЈО. Целта на филмот е јасна, да ги претстави обвинителките како едни хероини, кои тргнале сами против сите да го борат криминалот. Јанева, Ристоска и Фетаи во еден неформален стил си се пофалија, а пак авторите на филмот, со еден севернокорејски занес ги дооформија пофалбите. Инаку вистина е дека Јанева и нејзиното друштво заслужуваат адмирации, сепак им ги признаа „нарачаните шамари“ на Груевски за Жерновски, а тоа никако не е малку. Да не забораваме дека и самиот Ал Капоне не лежел за кој знае какви мафијашки активности, туку за неплаќање даноци.

Не е лошо „трите грации на Шарената револуција“ да бидат малку поскромни, кога излегуваат во јавност онака неформално. Утре, може и да искочи дека никој од големите „риби“ нема „да си лежи“, па ќе мораат да си се вратат таму од каде дојдоа со леко наведната глава. Од СЈО никој не бара филмски потези за курчење на масата, се бара работа, тивко и професионално.

Јас лично се надевам дека вториот дел од филмот „Трите“ ќе им биде посветен и на луѓето од позадина. Луѓето без кои СЈО немаше да е толку авторитетна институција: хаусмајсторот Борче Трајковски (попознат како Боки Бургија, до пред некое време редовен колумнист, „жесток“ критичар на Груевски) и сите внучиња, братучеди, сваќи и етрви вработени во СЈО на база на нивниот професионализам.

Само да потсетам и за тоа дека градоначалникот на градот од кој што потекнуваат двајцата последни лидери на историското ВМРО (Тодор Александров и Иван Михајлов), примариус доктор Илчо Захариев, како личност од највисок ранг го пречека GMO производот на поранешна Југославија- Лепа Брена. Оти ние нели си немаме музички ѕвезди. Оти ние нели си немаме ништо, па мораме да чекаме и лебот и игрите да ни паднат „одгоре“.

* Леб и игри

Пишува: Батко Тане

 

поврзани објави

Последни објави