21.8 C
Skopje
Monday, October 28, 2024

Шеќеринска – Каракачанов: Зголемена соработка за безбеден регион

Министрите за одбрана на Македонија и на Бугарија, Радмила Шеќеринска и Красимир Каракачанов, денеска остварија средба која ја оценија за многу успешна. Тие најавија заедничка воена вежба во 2018 година, истакнувајќи дека регионот ќе биде сигурен само со зголемена соработка.

Договорот што го потпишаа Македонија и Бугарија нема да остане само на зборови, двете држави се свесни дека регионот само преку добрососедство може да оди напред и да ја гарантира заедничката безбедност и напредокот, изјави министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шеќеринска по средбата со нејзиниот бугарски колега.

Таа истакна дека во изминатиот период два експертски тима работеле на изработка на план за поблиска соработка и партнерство меѓу Македонија и Бугарија во делот на одбраната, а оти денеска со Каракачанов дале зелено светло тој план да продолжи.

Исто така било договорено дека Стратегискиот одбранбен преглед на Македонија е клучен документ за реформите во одбраната и членството на земјата во НАТО и оти во ноември, а потоа во јануари ќе бидат направени серија консултации посветени на Стратегискиот одбранбен преглед. Шеќеринска рече дека со Каракачанов зборувале и за поголема соработка на воздухопловните сили на двете земји.

„Договоривме дека нашите специјални сили ќе договорат начин на поголема соработка: заеднички тренинзи, заеднички шанси за вежби, соработка која што ќе ја зголеми и интероперабилноста на АРМ, но и соработка која ќе ја зголеми соработката меѓу вооружените сили на Македонија и Бугарија. Исто така зборуваме за проширување на нашата соработка во делот на образованието во одбраната и воено-медицинскта обука и школување“, рече Шеќеринска.

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов истакна дека основен приоритет на Бугарија во нејзиното претседавање со ЕУ ќе биде интеграцијата на Западен Балкан и дека Бугарија со нејзината позиција ќе ја поддржи политиката на Македонија за членството во НАТО. Со потпишувањето на Договорот на 1 август, работите почнуваат да се развиваат во посакувана насока, рече тој.

„За да се прекинат секакви шпекулации, сакам да подвлечам дека Бугарија сакогаш го поддржувала и сега го поддржува државното единство и територијалната целост на Република Македонија. Ние немаме проблем со името на Република Македонија и тоа сме го декларирале кога бевме првите кои ја признавме според волјата на нејзините граѓани“, рече Каракачанов.

Тој додаде дека Бугарија е подготвена да соработува со Македонија во надминувањето на споровите со другите страни, за конечно да може да се отвори патот за нејзиното полноправно членство во НАТО. Се надевам дека за сите теми за кои разговаравме денеска ќе постигнеме резултати со кои ќе покажеме дека само со добрососедство може да има повеќе стабилност и ред на Балканот, рече тој.

На новинарско прашање дали стои на неговите ставови од изминатиот период за македонскиот идентитет и за македонското малциство во Бугарија, Каракачанов рече дека иако во Македонија е дојден во својство на министер за одбрана, за темата за македонското прашање е подготвен да одржи лекција по историја и дека не треба да се измислуваат проблеми каде што не постојат, а дека таков проблем во Бугарија не постои.

Извор: Радио Слободна Европа

поврзани објави

Последни објави