Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во денешното гостување во емисијата „200“ на телевизијата АлсатМ истакна дека нема нешто посебно што би можел да каже дека е добро во првите 100 дена на Владата на СДСМ, освен за ветувањата за реформи, но како што рече, реформи нема.
Тој посочи дека СДСМ пред изборите велеле дека се подготвени и оти имале се, како што тоа го правеше и ВМРО-ДПМНЕ во 2006, но неговата партија уште од првиот ден покажала дека е подготвена.
Од прв ден го намаливме ДДВ-то за земјоделските машини и земјоделските производи. Од прв ден почнавме со намалување на даноците, на персоналниот данок, на данокот добивка. Од прв ден воведовме рамен данок. Од прв ден почнавме да имплементираме многу други проекти, воведовме трет мобилен оператор, паднаа цените за 70 проценти за мобилни услуги. Значи, од прв ден почнавме со проекти, почнавме конкретно, не на муабет, не на зборови. Конкретно почнавме да имплементираме проекти кои што го подобруваа животот на граѓаните. Ние три и пол месеци слушаме „Ќе“, „ќе биде“, „ќе направиме“, појаснува Груевски.
Истакна дека не може да најде ништо позитивно во првите 100 дена од Владата на СДСМ, освен ентузијазмот и желбата за влез во НАТО и Европската Унија.
Првите чекори кои ги прават водат кон тоа дека се ќе оди во погрешен правец. Да речеме за економијата. Како да верувам дека таа желба ќе биде реална, кога во самиот старт имаме конкретни проблеми. Во самиот старт имаме пад на индустриското производство од цели 12 проценти, земено јуни со јули. Исто така, пад на индустриското производство јуни со јуни минатата година, односно јули со јули минатата година. Имаме пад на прометот во индустријата, имаме пад за 0,7 отсто на просечната плата. Имаме доведени под прашање 60 странски инвеститори кои што беа во сам финиш да инвестираат во Македонија. Имаме намалувања во сите сфери на економијата. Намалување на девизните резерви за над 170 милиони евра. Што да пофалам тука? Кажете ми нешто да пофалам од ова, потенцираше Груевски.
Посочи дека смета оти тоа што го говори е реално, а народот е тој што треба да процени дали е така или не.
Минималната плата беше воведена од ВМРО-ДПМНЕ, претходно синдикатите бараа да се воведе, но СДСМ никогаш не го воведуваше. Прв пат, некаде 2008 или 2009 година Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе минимална плата како законска категорија во Република Македонија. Оттогаш во неколку наврати ја зголемуваше, но во договор со работодавачите и со реалната сила на економијата тоа да го издржи. Како растеше економијата, така се зголемуваше минималната плата, посочи Груевски.
Истакна дека предлогот на СДСМ е краткорочно решение за зголемување на минималната плата и кое, како што рече, нема реална основа.
Ќе создаде проблеми и кај работниците, долгорочно гледано, и кај работодавачите. Имено, минималната плата се зголеми на 12.000 денари, но во услови кога имаме давање субвенции од буџетот на тие што ќе ја зголемат, која што субвенција ќе трае само шест месеци и уште шест месечи половина од она што ќе го даваат како субвенција. Потоа, фирмите сами треба да се снаоѓаат. Фирмите што ќе направат? Поголемите фирми, од оние што се пореномирани, што се котирани на светски берзи, какви што имаме неколку странски компании или ќе си одат или ќе бараат некое сериозно обештетување од Владата. Помалите фирми или ќе ги бараат парите назад од работниците или ќе го преместат своето производство во друга држава или ќе затворат, појаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека овој начин на зголемување е неодговорно зголемување на минималната плата.
Според него, тоа е само обид да се замајат грасачите пред локалните избори.
Ние сме тие кои зголемуваа минимална плата, но таа се реализираше во најголем дел. Имаше одредени аномалии и тогаш ќе се случеше некој работодавач да ги бара парите назад. Но, праќавме инспекции, се трудевме тоа да се анулира. Сега ќе видите што ќе се случи во наредните година дена. Затоа велиме, добро е да се зголеми минималната плата, но до степен што е реален за да не се измамат работниците, и истовремено да не се доведат компаниите во ситуација да ги затворат фабриките и овие работници да останат без работа, напомена Груевски.