Маршот ќе започне од пред Владата на РМ во 17 ч. со јавно обзнанување на барањата кои ние заедно со уште 12 други организации и иницијативи ги доставивме до Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ на 11 септември 2017 г. Потоа ќе се обратат неколку од нашите активисти и во 17:30 ч. ќе тргнеме кон Карпош 3, каде што ќе им дадеме поддршка на Граѓанските иницијативи Ние сме Карпош 4, Стоп на загадувањето, Воздух сега! и Карпош 3 кои ќе достават свои барања и петиција до Општина Карпош за зачувување на зелениот појас долж реката Вардар (градска четврт 3.04) кој доколку се урбанизира според предвидените незаконски донесени плански документи ќе значи уште еден тежок удар за и онака прекумерно загаденото Скопје.
Иако според Уставот на РМ здравата животна средина му е загарантирана на секој граѓанин на нашата земја, во последниве години сите сме сведоци дека во реалноста ова не е така. Имаме енормна стапка на загаденост, незапаметен број на заболени лица, како и на смртни случаи, директно предизвикани од загадениот воздух во критично загадени општини во Македонија. Загадувањето во Македонија се должи на многу причини, од кои главните се: противзаконското работење на индустриските погони (без инсталација на соодветни филтри и без придржување до пропишани стандарди), непланското уништување на урбаното зеленило, незаконската и агресивна урбанизација, неспособноста за управување со отпадот, застарените решенија за транспорт, греење итн. Заеднички именител за сите овие е неспроведувањето на законите во РМ.
Токму затоа особено се надеваме дека маршот искрено ќе го поддржат народните избраници од кои очекуваме да не го користат за добивање на политички поени. Од нив очекуваме да се обврзат и да се залагаат за исполнување на барањата кои ги доставивме до институциите без да се кријат зад изговорите „економски развој“ и „странски инвестиции“.
Сите сакаме развој, но не по цена на нашето здравје и на нашите животи!, велат од O2 коалицијата за чист воздух!