7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Во келијата на Игор Југ не бил најден мобилен, се испитува кој ги пратил заканите

Во келијата на Игор Југ не е пронајден мобилен телефон, потврди за ТВ 24 директорот на затворот во Шуто Оризари, Александар Наумовски. Денеска биле извршени претреси и се испитува дали Југ ги испратил заканите до Никола Груевски од зад решетки и дали некој го снабдил со мобилен телефон. Во исто време,  настанот го испитуваат Обвинителството и полицијата.

Се утврдува дали можеби некој друг ги пуштил заканите во име на Југ од неговиот фејсбук профил. Игор Југ доцна синоќа  му порача на Груевски дека ги чека своите 5 минути за да му врати оти ги наместил него и останатите за крвавото сценарио. Пораката осамна од неговиот профил Владо Георгиев Черноземски, а набрзо профилот беше избришан од ФБ базата.

„Фала што не намести на 27-ми , фала што не нарече насилници…Сега нека ти трчаат Бетмен и бандата ако и они не ти избегаат како директорчињата и раководителите што ги доведе од СДС, ЛДП и СП.  А јас ќе ти вратам, барем пет минути да го вкусиш она што ти мене ми го направи и на сите други што не предаде.  Тепав луѓе ти да бидеш претседател на партијата во Охрид 2003-та. Ти текнува??? Така ли враќаш Николче?“, стоеше на профилот.

Како што објави вчера ТВ 24 од станот во Куманово каде што беше уапсен Југ, биле запленети неговите телефони, лаптоп, хард диск и УСБ стик. Сега обвинителството го сомничи за носење оружје на 27 април, за што ќе бара продолжување на притворот од 30 дена.

 

Извор: ТВ 24

поврзани објави

Последни објави