3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Судот ги отфрли „бомбите“ како доказ во „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“

Скопскиот Кривичен суд повторно ги одби „бомбите“ како доказ во случаите на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.

Во соопштението од Судот е наведено дека од списите на предметот се издвојуваат доказите предложени со листата на обвинението, и тоа аудиоснимки од телефонски разговори, како докази прибавени на незаконит начин со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија.

За барањето на одбраната телефонските разговори да се издвојат од списите на предметот како доказ прибавен на незаконски начин одлучуваше Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Во случајот „Тендери“ обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. За случајот „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работ, Љубе Бошкоски.

Против овие неправосилни решенија, дозволено е право на жалба во рок од три дена до скопскиот Апелациски суд.

Судот најави дека во наредните денови ќе ги објави решенијата и образложенијата за одлуката, за целосно запознавање на јавноста со содржината и образложението на донесените решенија.

поврзани објави

Последни објави