25.8 C
Skopje
Monday, October 28, 2024

Средба Заев-Фуере: Во Македонија се чувствува слобода кај граѓаните

Поранешниот амбасадор на Европската Унија во Република Македонија, Ерван Фуере, денес оствари средба со Претседателот на Владата, Зоран Заев.

„Се чувствува слобода и отвореност кај граѓаните, поинаква, позитивна клима во државата, по демократските промени. Сега треба само да се продолжи процесот што води до перспективи на Република Македонија и на луѓето кои живеат тука“, изјави Фуере.

Како што пренесе тој, во Брисел постои охрабрување дека премиерот Заев со новата Влада ја поставиле Македонија на патот кон Европската Унија и НАТО. Изрази голема поддршка за реформите на кои што интензивно се работи и нагласи дека е важно да се земат во предвид оценките од последниот извештај кој беше направен од експертската група предводена од Рајнхард Прибе, ставајќи акцент на реформите што треба да обезбедат функционална правна држава.

„Посветено работиме на реформите што треба да донесат квалитетен живот за граѓаните и да придонесат во евро-атлантските интеграции. Дел од нив се и реформите во судството. Покажавме дека сме различни и дека нашата цел е да обезбедиме независно правосудство низ транспарентни одлуки во коишто главниот збор го има независната експертска јавност. Но, како Влада цврсто сме определени кон функционирање на правдата. Законите мора да важат и ќе важат подеднакво за сите“, изјави премиерот Заев.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, додаде дека новата Влада во првите 100 дена усеала да изгради доверба кај граѓаните и јавноста, благодарение на инклузивните политики, и најави дека и во иднина ќе се решаваат сите важни прашања за државата.

поврзани објави

Последни објави