Вкупно 23 кандидати претендираат да го заземат местото државен јавен обвинител. Рокот за доставување на апликациите измина викендов но се чекаа и последните пријави кои преку пошта стигнале денеска до собранието.
Сите пријави попладнево се очекува да бидат испратени до Советот на јавни обвинители кој треба да даде мислење за секој од кандидатите.
Меѓу кандидатите кои први и јавно ја објавија својата кандидатура беа поранешниот јавен обвинител и адвокат Александар Наков, адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Тортевски, нотарката Лорија Ваневска и професорот Сејфула Османи. А пријави до собранието стигнале и од поранешниот судија Валентин Зафировски, професорот Лазар Нанев, членот на Советот на јавни обвинители Љупчо Јовевски и обвинителката од организиран криминал Лидија Раиќевиќ.
Советот има 15 дена да ги оцени позитивно или негативно кандидатите и потоа да ги испрати во Владата. Владата ,пак, бира еден од кандидатите кој ги исполнува критериумите во огласот и добил позитивна оценка од Советот и го предлага во Собранието за избор. За да биде избран новиот јавен обвинител треба да добие поддршка од 61 глас.
Извор: www.kajgana.com