На Клиниката за детски болести вчера попладне по долготрајна реанимација почина новороденче старо три дена, кое ноќта меѓу 30 септември и 1 октомври во тешка здравствена состојба било донесено од Клиничката болница – Тетово.
Мајката на новороденчето со компликации и високоризична бременост почина на 30 септември при породувањето во Тетовската клиничка болница.
Доктор Лилјана Којиќ од Одделот за интензивна нега и терапија при Клиниката за детски болести денеска изјави дека откако е примено новороденчето било поставена на механичка вентилација, а поради периферен колапс вклучена му била циркулаторна поддршка.
– За цело време на престојот на нашиот оддел детето беше во критична состојба, во ислучително тешка општа состојба со знаци на оштетувања на повеќе органи и органски системи, рече Којиќ.
Посочи дека станува збор за второ дете од втора редовна, уредно контролирана високоризична бременост.
Детето е породено со вакум екстрактор и реанимирано и интубирано веднаш во родилната сала. Породилните оценки се исклучително ниски 0/1/2 што укажува на потешко страдање во перинаталниот период. Детето е донесено по претходна најава од Клиничката болница-Тетово во придружба на лекар и сестра од одделот за новородени. Наспроти сите заложби на тимот од Одделот за интензивна нега и терапија по три дена престој на нашиот оддел вчера во 14 часот почина по долготрајна реанимација, додаде Којиќ.
a1on