Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа митинг во Ресен каде лидерот на партијата Никола Груевски порача дека граѓаните на изборите не само што ќе се изјаснат за кандидатите за градоначалници, туку ќе го кажат своето мислење и за работите што се случиле во изминатите четири месеци.
– Граѓаните ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ за тоа што го направи, што го исполни, она што го вети, но на изборите ќе го дадат и своето мислење за работите што се случија минатите четири и пол месеци. Овие месеци имаме секојдневна демонстрација на едно незаконско работење, свесно незаконско работење. Незаконски назначувања, незаконски разрешувања, незаконски вработувања, рече Груевски.
За 10 дена откако ги објавивме кандидатите за градоначалници, на десетмина им измислија кривични пријави. За неколку дена гледаме насилство, насилие, демонстрација на сила. Кандидат за градоначалник во Шуто Оризари е претепан до бесознание, со скршен череп. Друг, во западниот дел на Македонија е погоден со куршуми, имаше хирушка операција, ги спасуваат неколку луѓе. На нашиот кандидат за градоначалник на Кавадарци му вперија оружје во глава, 10 минути третман како да е најголем терорист, додаде тој.