САД ќе побараат од своите сојузници во НАТО да испратат дополнителен контингент од 1.000 војници за да помогнат во борбата против Талибанците во Авганистан. Ова го изјави новиот американски амбасадор во Алијансата.
Според Кеј Бејли Хетчинсон, новите сили ќе им се придружат на 3.000 американски војници кои веќе биле испратени во земјата под новата воена стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп.
На крајот од минатиот месец, генералниот секретар Јенс Столтенберг објави дека НАТО има намера да ја зголеми мисијата за обука во Авганистан со неколку илјади војници.
Tој потоа рече дека целосно ја поддржува новата американска стратегија за Јужна Азија и Авганистан, објавена во август. Според генералниот секретар, земјите на Алијансата се согласуваат да го зголемат бројот на воени инструктори кои ги обучуваат авганистанските воени и безбедносни сили со “неколку илјади”.
Во есента 2001 година, Вашингтон започна воена операција во Авганистан. Во моментов има околу 13.000 војници од меѓународната коалиција во земјата, вклучувајќи околу 8.400 американски војници и офицери. Тие главно се занимаваат со обука на авганистанската војска.
Новата американска стратегија потврдува дека американската армија ќе остане во Авганистан на долг рок.