Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потрошила најмногу пари во првите 10 дена од кампањата за локалните избори, покажа финансискиот извештај на Државната изборна комисија, пишува Мета.
Поранешната владејачка партија од членарина собрала околу 488 илјади евра, додека од 207 донатори добила околу 47 илјади евра. На листата на донатори се и кандидатите за градоначалници Иван Франгов. Коце Трајановски, Јохан Тарчуловски и Владо Мисајловски, кои донирале по 1.000 евра, додека Ивица Коневски за партијата дал 500 евра.
ВМРО-ДПМНЕ најмногу средства за рекламирање ќе потроши на ТВ Сител, каде досега дала 68 илјади евра, а нешто помалку средства се планираат за Канал 5, Телма, ТВ 24 и Алсат-М. За реклама на „Фејсбук“, партијата одвоила 3.700 евра.
Владејачката СДСМ од членарина собрала околу 211 илјади евра, додека од 76 донатори добила 36 илјади евра. Партијата во првите 10 дена од кампањата се рекламирала само на Алсат-М за околу 12.500 евра. Владејачката партија пријавила расходи за транспорт, изнајмување простор и рекламен материјал.
Левица води скромна кампања со само 2.000 евра од донации.
ДУИ до ДИК ги пријавила само приходи од членарина, кои изнесуваат 6.500 евра, додека БЕСА во својот извештај навела дека шест лица донирале вкупно 5.800 евра, а од членарина собрале 13.300 евра. Алијанса за Албанците од донации собрале 19.200 евра.
Финансиските извештаи се однесуваат на периодот од отворањето а трансакциската сметка до крајот на 10-иот ден од изборната кампања.
Извор: ТВ Орбис