Следниот пат кога ќе се качите во „бесплатните“ автобуси, што треба да ве разшетуваат како циркузанти од град во град за време на предизборните кампании (кои во Македонија уште малце и ќе се претворат во секојдневие), немојте да мислите само за тоа дали проклетите сендвичи ќе бидат со растителен или вистински кашкавал, туку чукнете ги малку тоа главите и смислете си некое прашање што ќе му го поставите на вашиот лидер, додека лигаво се умилкувате околу него за да си направите selfie.
Јас можам да ви дадам 127 смислени причини, поради кои вреди да отидете на вашиот партиски митинг. Сендвичот, прошетката и селфито со Заев или Груевски не се дел од нив. Јас можам да ви предложам 127 смислени прашања, што можете да им ги поставите на вашите „сакани“ партиски лидери… на вашите пастири. Јас можам да ја разберам вашата потреба да се борите за вашата егзистенција преку партиско вработување. Не сте ни први ни последни и не сум јас човекот што ќе ве суди. Јас не можам да разберам како седите дома вие спонтаните патриоти и вие спонтаните борци за демократија, правда и мир, кога во Македонија од почетокот на оваа година во болница се починати 127 бебиња.
Каде се сега титовите пионери кои хистерично се дереа „ Уаа Бугари, Бугари“ кога се менуваа имињата на некои улици и булевари во Скопје? Каде се спонтаните бабички кои се појавија како од некој роман на Стивен Кинг и започнаа да ја рибаат Триумфалнава, пошо шарениве комуњари се осмелија да ја извалкаат? Каде е Љуми да се дере „Имаш ли срааам, имаш ли срааам“ пред фацата на на некој надлежен од министерството за здравство, поради трагедијата што се случува во Гинекологија?
Сите се зафатени, си тераат кампања… уште 5 дена останаа да се уништи режимов. Што ми е гајле дека и тогаш и сега умираат бебиња и родилки. Важно е Пеце од Свирипичино да стане градоначалник пошо ми е другар и ќе ми ја вработи женава како хигиеничарка во општина. Ништо друго не е со толкава егзистенцијална тежина, ништо друго, дури смртта на 127 бебиња за 10 месеци.
Прашајте ги вашите лидери кои ви ветуваат мед, млеко, кафиња и наполитанки, дали конечно ќе се преземе нешто за македонските дечиња да не умират како заморчиња жртви на евтин експеримент. Прашајте ги уште колку пати следните неколку години ќе излеземе на избори и парите за децата наместо таму каде што треба, ќе завршат за дебилни платени политички пораки, програми, реклами и слични срања.
Пишува: Батко Тане