7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Алармантни податоци за дебелината кај децата

Единаесет годишни деца со замастен црн дроб, осум годишни со дијабет – сето тоа како резултат на прекумерна тежина и нездрава исхрана. Алармантни се статистиките кои ги објави Институтот за јавно здравје, а според кои над 39 проценти од машките деца во Македонија имаат телесна тежина која е поголема од предвидената за нивната возраст, додека пак 32 отсто од девојчињата се соочуваат со дебелина.

Лошата исхрана, слабата физичка активност, седењето пред компјутери се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на дебелината, велат лекарите.„Имаме многу рана појава на дијабет тип 2, тој не би требало да се појавува на возраст под 40 години, а сега порано се јавува кај деца и адолесценти. Тоа се деца кои имаат зголемена тежина.“ – вели д-р Игор Спироски – Институт за јавно здравје.

Но не само кај децата, бројката на лица со прекумерна тежина расте и кај повозрасната популација. Според податоците на Институтот за јавно здравје на РМ 62,% од мажите и 48,% од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина. Тоа предизвикува низа здравствени проблеми, од кардиоваскуларни до малигни заболувања, велат лекарите. Институтот за јавно здравје ги повикува здравствените власти на централно но и на локално ниво да го дадат потребното внимание на овој сѐ поизразен ризик фактор во државата.

Според д-р Спировски справувањето со овој проблем бара сеопфатна акција на повеќе сектори во општеството.

„Она што општетството може да направи како целина е да има активности во насока на регулација на определени ризик фактори, значи исхрана со преработена храна, можност за физичка активност, рекламирање на нездрава храна, оданочување на определени производи кои докажано влијаат на пореметување на тежината“ – вели д-р Спироски.

Лекарите предупредуваат дека луѓето кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели живеат со специфичен инвалидитет и со намален квалитет на живот, а појавата на болести кај нив е поизвесна и носи ризик од предвремена смртност.

Експертите наведуваат дека во 2022 година бројот на деца и млади со прекумерна тежина ќе биде поголем од бројот на деца кои страдаат од неухранетост.

Извор: ТВ 24

поврзани објави

Последни објави