6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Кралот ќе прави анализи

Сите Го чекаа да каже нешто ново, но Неговата реторика остана иста. Ќе се прават анализи, можеби ќе формираат и некоја внатрепартиска комисија. Ете може Бетмен да и биде претседател, а Србов портпарол. Видовме дека го бидува детево.

Му побараа и оставка, ама тоа го направија „отпаднициве“, кои бараат реформи, а тоа значи дека „не се важи“. Сега нема време за задоволување на реформаторски каприци. Сега треба да се прават анализи.

После резултативе излезе на јаве фактот дека народот и не е толку исплашен од „странскиве платформи“. Мене лично најмногу ми е криво што не помина финтата со бугарските летоци. Толку труд вложил некој во таа „иницијатива“, а да не го добие потребниот резултат. Навистина жално.

Од утре ќе видиме како СДСМ ќе се носи со целосната одговорност на државно и локално ниво. Груевски веќе не е нивен проблем. Тие ќе носат живот насекаде, а пак тој ќе биде зафатен со анализи.

Се поставува прашањето дали во тие анализи ќе се влучат и придворните аналитичари на Кралот? Дали и тие ќе одат до крај и нема да најдат сили да го признаат поразот на прогандата што така посветено и вредно ја ширеја?

На сите треба да им биде јасно дека после оваа вечер десницата во Македонија има потреба од реновирање, проветрување и уклучување на „нитро“-то. Прогнозите дека СДСМ ќе мора да се соочи со народот на нови избори напролет се на пат да паднат во вода, но Ве молам не го укривувајте Кралот за тоа. Тој ви кажа, не е време за оставки, туку е време за анализи.

Јас им верувам на Кралот и на Србов (нормално). Не се криви тие, криви се „комуњарите“ оти едни избори неможат да организираат како што треба. Никогаш Тој не е крив, како не можете да сфатите дека секогаш причината е надворешниот фактор, бидејќи внатре си се знаеме кој колку вреди.

Сега ќе ги замолам тие што отишле со зурли и тапани за да ги вознемируваат Кралот и неговата свита, да имат барем малку култура и да се повлечат, бидејќи во Белиот дворец имаат потреба од тишина и концентрација. Никој не сака анализите да излезат со погрешен заклучок нели?!

Кралу, твоите најверни соработници се со тебе, нема потреба од паника. Дното одамна е допрено, а за изборите „напролет“ има време, вие прво направете си ја анализата, за друго и така не најдовте смелост.

Пишува: Батко Тане

поврзани објави

Последни објави