14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Заев-Марковиќ: Неоходна соработка за развој и напредок на Регионот

Земјите од Западен Балкан мора да соработуваат, да научат самостојно да донесуваат одлуки и да ги спроведуваат, сами да ги решаваат прашањата во своите земји, но и меѓусебните недоразбирања. На таков начин и европските партнери повеќе ќе ги ценат. Во таа насока Македонија и Црна Гора се пример за пријателски земји, без отворени прашања, подготвени да соработуваат во интерес на граѓаните.

Ова се пораките што ги упатија денеска македонскиот и црногорскиот премиер Зоран Заев и Душан Марковиќ по нивната средба во Скопје.

Црна Гора, рече Марковиќ, е подготвена да ја поддржи Македонија на нејзиниот пат кон НАТО, но и да ги сподели искуствата од преговорите за членство во ЕУ. Се надева, дека Македонија ќе биде следната членка на Алијансата.

Односите меѓу Македонија и Црна Гора, смета тој, покажуваат дека има нова практика меѓу лидерите во регионот во интерес на нивните земји. Директната комуникација меѓу нив, потенцира е најважниот начин за надминување на сите пречки и воспоставување добри односи во сите сфери.

– Ова е петта средба во изменативе четири – пет месеци од Брисел, Трст, Подгорица, Драч и сега во Скопје. Применуваме нова практика за лидерите од Балканот на директни разговори и дијалог за доброто на сите, рече Марковиќ.

На ваков начин ќе се потврди посветеноста на евро и евроатлантската визија на целиот регион на Западен Балкан. Регионалната соработка ќе ги направи земјите поконкурентни, ќе овозможи напредок на нивните економии и ќе ги направи еднакви со останатите.

– Глобалната сцена нема мали и големи земји, туку земји што можат да придонесат за напредокот, имаат способност да донесуваат одлуки и да ги спроведуваат, рече Марковиќ.

Македонскиот премиер се согласува со ставот дека е потребна регионална соработка која, како што рече, треба да биде предност и причина поради која повеќе земјите од регионот ќе бидат почитувани од своите партнери.

– Заеднички треба да работиме на исполнување на условите кои ги бара Европа од нас со цел да го зголемиме економскиот пазар и да го сврти вниманието на големите европски и светски компании во кон нашата држава, рече македонскит премиер.

Двајцата премиери се согласни со ставот дека времето на национализмот е поминато, како што е поминато и времето за поделби. Земјите од регионот, сметаат мора да се фокусираат на реални проекти, на развој на економијата, за соработка, како нешта што ќе ги придвижи напред и ќе овозможат подобар живот за сите граѓани.

Двајцата премиери разговарале за натамошно унапредување на билатералната соработка и во областите на образованието, културата, туризмот, науката, а ќе се бара и модел за воспоставување на авиолинија за зголемена туристичка размена и бизнис соработка. Се договориле средбите на највисоко ниво да продолжат и во иднина.

Црногорскиот премиер најави серија билатерални договори и зачестени посети на високо ниво. Во тој контекст, рече дека во ноември министрите за одбрана и за надворешни работи на Црна Гора ќе допатуваат во Скопје.

Извор: А1 Он

поврзани објави

Последни објави