„Во предизборието имаше нефер услови, физички пресметки, убиства, закани, притисоци. Од официјални државни органи имаше закани кон нашите кандидати за градоначалници. Полицијата беше главен заштитник на овие активности и таа беше ставена во партиска функција. Од многу страни добивме информации за директен поткуп на гласачи. Секако, продолжи и црната кампања против нашите кандидати“. Ова, почитувани читатели, не е текст на некој долгогодишен опозициски лидер, туку ниту помалку ниту повеќе, говор на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, партија која до декември месец 2016 беше на власт речиси десет години во државата.
„Епа сега му е мајката да ги исчистиме. Тоа е супер, но треба да направиме Мартин и еден список, да ги сотреме. После за уши, циган по циган ќе ги вадиме. Има една ризична работа, како што знаеш имаме по 50 души во стан од 40 квадрати. Човечињава идат и гласаат и ќутат и климаат со глава. Таму е лудница, но си гласаат луѓето. За рака се држат, влегуваат и си гласаат, патент на уста. На работа сме си сите ние. Имаме ние два штаба, едниот е кај мене на спрат, што е кол центар на ВМРО ДПМНЕ, а долу е оној кај што доаѓаат амбасадорите. Повремено улетувам таму да видат амбасадориве дека се е океј и потоа се качувам горе да си вршам партиски работи. Кол центар имаме во МВР. СДСМ салата ги правиме. Секогаш кога имаат митинг им ги праќаме автобусите на техинчки преглед за да има помалку луѓе“. Ова, почитувани читатели, е извадок од пуштените бомби во јавноста од тогашниот лидер на опозицијата (денес премиер) Зоран Заев, во кој се слуша гласот на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска како зборува дека во МВР имаат два штаба, еден на партијата, друг на полицијата, разговор во кој објаснува како владееле и како се однесувале тие спрема своите неистомисленици.
Продолжуваме понатаму – „За прв пат во историјата на Македонија, полициски џипови кружеа со партиски симпатизери на СДСМ во истите автомобили. Овие нешта доведоа за водство на СДСМ во повеќе општини“. Ова пак е изјавата на Груевски, вечерта после дебакалот (за кој лично тој и 20 луѓе околу него се виновни)
Чекај, чекај. Размислувам. Кој е сега во право? Екс премиерот или Екс министерката? Ајде ете можеби ќе му поверуваме на Никола дека навистина имало закани и притисоци (какви такви) иако во разговор со луѓето до сега никој не кажал дека такво нешто се случило во реалноста, но кога го слушам што изјави вечерта после катастрофалниот пораз, го вртам филмот наназад и си размислувам: Па зарем ова е можно? Какво е ова лицемерие, човек кој владееше со закани, притисоци, уцени, заплашувања, наградувања, купувања, претворање на МВР во МВРО, со вработување на партиски војници во администрацијата, со целосна партизација во сите пори на општеството сега да зборува, да се жали и да обвинува дека некој друг преку нефер услови добил избори? Замислете. Човекот кој не го вадеше Бранко од уста и кој целата своја кампања ја водеше преку црна пропаганда за својот против кандидат, за кого се правеа по 30 спотови на ден, медиумски линчови и слично, денеска зборува и обвинува дека е мета на црна пропаганда поради која тој и неговите загубиле на избори.
Не, Никола. Овие избори не се добиени поради причините за кои ти тврдиш, односи преку закани и уцени, бидејќи премногу е краток периодот за да кажеме дека некој успеал да го направи тоа, за да ти и твоите да доживеете дебакл. Не, Никола. Овие избори не се добиени ниту поради љубовта и чесноста на новоизбраниот премиер во декември и неговата Влада, туку поради твоите погрешни политики, твојата себичност и алчност, поради твојата неразумност, поради твоите ГРЕШКИ Никола. Дозволи Партијата која некогаш беше синоним за Независна и Самостојна Република Македонија, демократичност, слобода за критика, слобода на изразување, искажување на јавно мислење, слобода на медиуми, денес да биде синоним за криминализација и лично богатење на поединци на грбот и маката на обичниот граѓанин. Дозволи Партијата и Државата која некогаш беше почитувана од нашите меѓународни пријатели денес да биде изолирана од сите наши пријатели од странство. Сите оние кои размислуваа поинаку од тебе и неколкуте верни Груевисти, беа прогласени за национални предавници, кои штотуку ја продале државата на некој од нашите соседи (Бугарија, Грција). Овие избори се добиени бидејќи ги остави на цедило и оние најверните на тебе и твоите, кои за Вас влегоа во оган и беа подготвени да направат СЕ, само за да ти и твоите останете на власт. Овие избори се добиени и поради Игор Југ и поради Дедето кој поради емотивната атмосфера во Собранието ја влечеше за коса тогашната пратеничка Радмила Шекеринска, а доби четири години затвор додека ти и другите сте на слобода. Овие избори се добиени или изгубени поради тоа што ти самиот ГИ ОСУДИ СВОИТЕ Никола. Оние кои најмногу те бранеа, оние кои беа подготвени да направат СЕ само за ти да останеш на власт. Овие избори не се во твоја полза поради сите искажани лаги, реваншизми, местенки, притисоци, закани, уцени, затворања, шурувања со пријателите од ДУИ, за валкањето на четирите свети букви В М Р О.
Затоа Никола. Анализата е едноставна. ВМРО не те сака тебе, не ги сака твоите апаши. Вие заминувате во историјата. Се што треба да направите е да ги спакувате куферите и да заминете дома. Живот има и надвор од политиката. Живот има и надвор од зградите во кои сакате да глумите Цареви, кои запоседнале се и сешто и кои решаваат за судбините на своите потчинети. Дозволете да има ЖИВОТ и за ВМРО ДПМНЕ и за сите оние кои веруваат во таа десничарска идеологија, сите оние кои заминаа од партијата поради Вас или сите оние кои не можеа да си ја поддржат својата партија за која во 90-тите гинеле, додека Вие и вашите бевте членови на други партии, некои кои немаа партизирано општество.
Анализата е ОСТАВКА.
Пишува: Благојчо Петровски