Дали Дедо Мраз постои? Одговорот на ова вечно прашање лежи во личноста на епископот од Мира – свети Никола, кој се претвори во ликот на старецот со белата брада, кој носи подароци на децата. Токму затоа прашањето за тоа каде точно се наоѓа гробот не е шега.
Под црквата Свети Никола во Демре, во провинцијата Анталија, во Турција, е откриена непозната подземна крипта, каде се претпоставува дека е погребан светецот.
Свети Никола умира на 73 години, во 343 година и според традицијата е погребан токму во оваа црква, која станала популарно место за поклонение. Во средниот век, поради војните, неговите мошти се преместуваат во Италија – во градот Бари.
Претстојните ископувања во Турција ќе откријат што се случило со гробот на Свети Никола и дали во него останале мошти на светецот. Црквата е многу стара, полна е со мозаици и испишани тавани – таа е прогласена за културно богатство од страна на УНЕСКО.
Проектот нема да биде лесна работа, но откритието на такво таинствено и недостапно место ги тера археолозите да се надеваат дека ќе најдат недопрена гробница, нешто што би било историски настан. „Таму долу можеме да ги најдеме моштите на Свети Никола”, вели раководителот на проектот Џемил Карабајрам, „но има веројатност таму да е погребан и некој локален свештеник”.